РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Ветувања, критики и 200 амандмани

По завршувањето на општата расправа, следува амандманската фаза во која ќе се разгледуваат околу 200 поднесени амандмани, од кои 160 се предложени од опозициската СДСМ.

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Ветувања, критики и 200 амандмани
Фото: Национал

Во Комисијата за финансирање и буџет при Собранието денеска се одржува вториот ден од расправата за ребалансот на Буџетот, кој започна вчера.

Од Министерството за финансии посочуваат дека основната цел на измените е да се обезбеди непречено извршување на буџетските обврски во услови на позитивни економски трендови и зголемена динамика на реализација. Со тоа, се очекува навремено и ефикасно финансирање на програмските определби, обврските и капиталните инвестиции.

Според предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, што претставува зголемување од околу еден процент, односно за 3,5 милијарди денари во однос на првично проектираниот Буџет. Истовремено, вкупните расходи се планирани на 403,7 милијарди денари, со ист процентуален пораст.

Ребалансот предвидува реалокација на средства меѓу буџетските корисници. Дополнителни средства се предвидени за исплата на плати, особено во Министерството за внатрешни работи, каде што е обезбеден раст од 10% на платите на вработените. Предвидено е и зголемување на средствата за пензии, како и околу 300 милиони денари дополнително за капитални расходи. Вкупно, капиталните расходи се планирани на 47,5 милијарди денари.

Опозицијата, пак, смета дека ребалансот не е насочен кон продуктивен развој и претставува доказ за фискална неодговорност, прикривајќи неисполнети ветувања. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го оцени како развоен и реален, со потенцијал да го поттикне економскиот раст и да придонесе за подобрување на животниот стандард, притоа испраќајќи порака за домаќинско управување со јавните финансии.

По завршувањето на општата расправа, следува амандманската фаза во која ќе се разгледуваат околу 200 поднесени амандмани, од кои 160 се предложени од опозициската СДСМ.

CATEGORIES
TAGS
Share This