АРСОВСКА ДО АГЕЛЕР Не ли ви беше незгодно на листата на ВИП гости да ставате лица за црната листа

Во завршницата на нејзината објава, Арсовска го честиташе американскиот национален празник, изразувајќи надеж дека „слободата и правдата ќе станат реалност и за граѓаните на Македонија“, кои, како што тврди, се под сериозна закана од поединци како Висар Ганиу, Изет Меџити и Ејуп Адеми.

АРСОВСКА ДО АГЕЛЕР Не ли ви беше незгодно на листата на ВИП гости да ставате лица за црната листа
Фото: Социјални мрежи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку социјалните мрежи ѝ упати критика на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, по повод прославата на 4 јули – Денот на независноста на САД. Повод за нејзината реакција беше присуството на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и други политички фигури, за кои, според Арсовска, постојат сериозни сомнежи и докази за корупција.

„Добро утро, амбасадорке Агелер. Среќен Ден на независноста. Само едно прашање – не ви беше малку незгодно што на ВИП листата вчера беа лица кои, наместо да бидат ваши гости, треба да се наоѓаат на американската црна листа за санкции?“, напиша Арсовска, алудирајќи на фотографија на која, како што вели, „некои од присутните се насмеани, иако против нив се водат сериозни истраги за најмалку 152 случаи на криминал.“

Таа потсети дека САД веќе со децении санкционираат политичари, бизнисмени и јавни функционери од регионот поради основани сомнежи за корупција и поткопување на демократските процеси, посочувајќи дека „во случајот со Ганиу и други функционери, постојат цврсти докази, а не само наводи“.

Во завршницата на нејзината објава, Арсовска го честиташе американскиот национален празник, изразувајќи надеж дека „слободата и правдата ќе станат реалност и за граѓаните на Македонија“, кои, како што тврди, се под сериозна закана од поединци како Висар Ганиу, Изет Меџити и Ејуп Адеми.

На свечената прослава, амбасадорката Агелер во својот говор истакна дека партнерството меѓу САД и Северна Македонија е издржано низ повеќе предизвици и останува силно.

„Три децении, САД и Северна Македонија заеднички ги надминуваа глобалните шокови и политичките промени – и секојпат излегуваа посилни. Тоа се гледа во нашите заеднички мисии во Ирак и Авганистан, во воените вежби на Криволак, и во подготвеноста за заедничка борба за мир. Покажавме што значи вистинско пријателство и партнерство“, рече Агелер, завршувајќи со зборовите: „Бог да ги благослови Соединетите Американски Држави и Бог да ја благослови Република Северна Македонија.“

CATEGORIES
Share This