ЗА НАС НЕМА ДИЛЕМА – Историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од идентитетот изјави Муцунски.
Темата останува во фокусот на јавноста, особено во пресрет на европските расправи кои можат да имаат далекусежни импликации за македонскиот идентитет во европски контекст

Изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во која го поврза македонскиот идентитет со „манастирите, тавче-гравче, пинџурот и полнетите пиперки“, продолжува да предизвикува бројни реакции во јавноста и политичкиот спектар.
Многумина ја оценија изјавата како навредлива и недолична, особено во контекст на актуелните најави од бугарски европратеници дека на претстојната седница на Европскиот парламент ќе поднесат амандмани со кои македонскиот јазик и идентитет би биле означени како „модерни“.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оцени дека е жално што и во 21 век се оспоруваат темелните елементи на националниот идентитет.
„Идентитетот е сложена категорија, особено на Балканот. За жал, и денес има земји кои се нарекуваат европски, а се обидуваат да го оспорат. За нас нема дилема – историските личности како Делчев, Груев, Сандански, заедно со нашите манастири и џамии, се дел од тој идентитет“, изјави Муцунски.
На лидерскиот самит посветен на Планот за раст на Западен Балкан, премиерот Христијан Мицкоски реагираше на изјавата на Кос, нагласувајќи дека идентитетот не може да се сведе само на храна и традиција.
„Нашиот идентитет не е само пинџур и манастири. Тој е вграден во имињата на Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Даме Груев, Јане Сандански и многу други“, рече Мицкоски.
Темата останува во фокусот на јавноста, особено во пресрет на европските расправи кои можат да имаат далекусежни импликации за македонскиот идентитет во европски контекст.


