СРЕДБА МУЦУНСКИ – ТРИПОДИ Потврдени одличните билатерални односи и взаемната заложба за економска соработка

Во рамки на македонско–италијанскиот бизнис форум што денес се одржува во Скопје, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со заменик-министерката за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Марија Триподи.
На средбата, двајцата соговорници ги потврдија одличните билатерални односи меѓу Македонија и Италија, како и взаемната заложба за унапредување на економската и политичката соработка.
Муцунски се заблагодари за континуираната италијанска поддршка за македонската европска интеграција, истакнувајќи ја принципиелната политика на Рим во поддршка на проширувањето на ЕУ.
Заменик-министерката Триподи ја нагласи важната улога на Македонија за регионалната стабилност и ја потврди цврстата италијанска поддршка за евроинтегративниот процес на земјата.
Во заедничката изјава беше изразено задоволство од одржувањето на бизнис форумот и беше истакната потребата од искористување на економскиот и трговскиот потенцијал, како на ниво на компании, така и на институции.
„Одличните билатерални односи претставуваат силна основа за натамошно продлабочување на економската соработка и инвестициите – како помеѓу бизнис-заедниците, така и на институционално ниво“, напиша Муцунски на својот профил на Фејсбук.


