ПОЖАРОТ ВО ВАЛАНДОВСКО СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА Михаилов благодарен до сите ангажирани
Тој изрази огромна благодарност до сите ангажирани во справувањето со пожарот

Пожарот што вчера попладне околу 14 часот избувна во близина на селото Грчиште, Валандовско, и се закануваше да ги зафати првите куќи, е ставен под контрола – соопшти заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, на својот фејсбук-профил.
„Повеќе од 60 луѓе од 5 часот наутро се на линијата на огнот и до овој момент можеме да кажеме дека, и покрај сериозноста, целата линија на огнот е покриена. Денот ќе биде жежок и екипите остануваат на терен за внимателно следење на состојбата“, напиша Михаилов.
Тој изрази огромна благодарност до сите ангажирани во справувањето со пожарот:
-
вработените од подружниците на „Македонски шуми“ од Валандово, Гевгелија и Струмица (вкупно 26 луѓе),
-
противпожарните единици од Валандово, Струмица, Гевгелија, Радовиш и Кавадарци,
-
доброволното противпожарно друштво од Валандово,
-
шумската полиција од Валандово,
-
општинските власти на Валандово,
-
и граѓаните и компаниите што доброволно помогнаа во гаснењето.
„Остануваме подготвени за секој нов предизвик кој ќе го донесат човечката несовесност и непредвидливата природа. Благодарност до сите што ни дадоа поддршка – и до оние кои нè критикуваа. Ќе продолжиме да докажуваме дека она што го правиме е исправно“, порача Михаилов.


