ЗА МИЦКОСКИ ИДЕНТИТЕТОТ Е ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ИЛИНДЕН За Кос македонскиот идентитет се манастирите, погачата, тавче-гравчето, пинџурот, полнетите пиперки
Во меѓувреме, официјална Софија бара во извештајот на Европската комисија да се користи формулацијата „модерен македонски јазик“, што повторно ја отвора чувствителната тема за јазикот и идентитетот на Македонците во европскиот контекст.

На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е длабоко вкоренет во културата, традицијата и чувството на припадност.
„Идентитетот е нешто што си го носиме во душата и срцето. Тоа е како се чувствуваме, како ја доживуваме татковината, како се грижиме за нашата традиција – манастирите, погачата, тавче-гравчето, пинџурот, полнетите пиперки. Тоа е дел од вашата културна уникатност и никој не може да ви го одземе“, рече Кос, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со бугарските забелешки во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија.
Таа посочи дека членството во ЕУ е најдобриот начин за заштита на националниот идентитет, културата и јазикот.
„Европската унија е изградена врз принципот на разноликост и се грижи за зачувување на идентитетот на секоја земја членка. Го кажувам ова од сопствено искуство – Словенија, иако мала земја, со зачленувањето во ЕУ во 2004 година го направи словенечкиот јазик еден од официјалните во Унијата“, изјави Кос.
Премиерот Мицкоски, пак, изрази почит кон културните елементи, но додаде дека за него идентитетот е многу повеќе од гастрономијата.
„Јас сум повнимателен кога станува збор за идентитетот. За мене, тој не е само прекрасната македонска кујна, туку и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, Илинденското востание, Јане Сандански, Дамјан Груев и сите што се дел од нашата историска и духовна традиција. Не сум сигурен дека сите во нашиот регион ќе го споделат истото мислење“, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, официјална Софија бара во извештајот на Европската комисија да се користи формулацијата „модерен македонски јазик“, што повторно ја отвора чувствителната тема за јазикот и идентитетот на Македонците во европскиот контекст.


