МИЦКОСКИ И КОС СО СУДИР НА СТАВОВИ ЗА ИДЕНТИТЕТОТ Ќе одиме кон ЕУ, но без уцени вели Мицкоски

Двајцата соговорници се согласија дека патот до ЕУ е отворен, но дека ќе зависи од конкретни резултати, взаемна доверба и надминување на историските предизвици.

МИЦКОСКИ И КОС СО СУДИР НА СТАВОВИ ЗА ИДЕНТИТЕТОТ Ќе одиме кон ЕУ, но без уцени вели Мицкоски
Фото: Национал

На заедничката прес-конференција во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување Марта Кос имаа размена на ставови околу чувствителните прашања за идентитетот и европската интеграција на Македонија.

Марта Кос нагласи дека уставните измени остануваат предуслов за отворање на кластерите во преговорите со ЕУ, а идентитетот, како што рече, „никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување“.

Идентитетот го носиме длабоко во нас – во нашите души, во срцата. Тоа е начин на живот, традицијата, јазикот, обичаите, храната, носиите, почитта кон постарите. Никој не може да ви го одземе тоа, на вас Македонците“, истакна Кос, додавајќи дека членството во ЕУ е најдобриот начин за заштита на тие вредности.

Премиерот Мицкоски ѝ реплицираше дека дел од тие вредности Македонија веќе ги изгубила.

„Да, идентитетот го носиме во себе, но изминатите три децении изгубивме многу – го сменивме името, знамето, уставот. И без гаранции дека тоа беше последната промена, имаме причина за скепса. За мене, идентитет не е само чувство – тоа се и Гоце Делчев, Илинден, Шапкарев, Миладиновци, Груев…“, рече тој.

Тој изрази сомнеж во искреноста на дел од бугарските политички изјави и најави дека Македонија ќе продолжи по европскиот пат, но „без уцени под превезот на интеграции“.

Кос истакна дека Македонија ќе ги отвори кластерите веднаш по усвојувањето на уставните измени, без дополнителни условувања.

„Европската комисија е јасна – ако се исполнат заложбите, веднаш ќе се одржи меѓувладината конференција. Оваа можност е реална и треба да се искористи“, рече таа.

На прашањето дали Бугарија ќе поставува нови барања, Кос одговори дека Европската комисија ќе биде гарант за исполнување на договореното и го повтори повикот за конструктивни односи со соседите.

Кос и Мицкоски се осврнаа и на Планот за раст на Западен Балкан, во рамките на самитот што денеска се одржа во Скопје. Кос истакна дека во просек земјите од регионот имаат реализирано 75% од реформите, а Мицкоски додаде дека Македонија дури и го надминува тој просек.

„Реформите не се декор, туку реална потреба. Наш избор е да ги спроведеме, не затоа што ни се наметнати, туку затоа што се во интерес на граѓаните“, рече премиерот.

Кос додаде дека од 1 јануари 2026 година се очекува укинување на роамингот меѓу Западен Балкан и ЕУ, доколку реформите продолжат.

Кос ја започна прес-конференцијата со израз на сочувство за трагедијата во Кочани, најавувајќи дека при следната посета на Македонија ќе ги посети и повредените.

„Семејството, заедницата, солидарноста – тоа се европските вредности. Сакам да бидам покрај вас и да помогнам колку што можам“, изјави таа.

Еврокомесарката порача дека клучните реформи за Западен Балкан бараат политичка храброст и трансформација на општеството, но носат стабилност и економски развој.

Алатката е во ваши раце – процесот не е подложен на политички влијанија. Ако се спроведе, носи конкретни придобивки за секој граѓанин“, заврши Кос, наведувајќи примери за напредок во Албанија, Црна Гора, Србија и БиХ.

Двајцата соговорници се согласија дека патот до ЕУ е отворен, но дека ќе зависи од конкретни резултати, взаемна доверба и надминување на историските предизвици.

CATEGORIES
TAGS
Share This