МУЛТИСЕНЗОРНА ИЗЛОЖБА „СКОПЈЕ: СЕНЗОРЕН ГРАД“ УТРЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ – уметност што се чувствува

Изложбата нуди уникатно летно доживување на градот – онаму каде што уметноста и градот се среќаваат преку сетилата.

МУЛТИСЕНЗОРНА ИЗЛОЖБА „СКОПЈЕ: СЕНЗОРЕН ГРАД“ УТРЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ – уметност што се чувствува

Во рамки на Скопско културно лето, Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) утре, 1 јули, ќе ја отвори традиционалната изложба „Скопски урбани приказни“, која оваа година носи наслов „Скопје: Сензорен град“. Изложбата ќе се одржи од 19 до 22 часот на повеќе локации низ центарот на Скопје.

Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска, која заедно со 15 врвни уметници – меѓу кои универзитетски професори, декани и современи автори – создаде концепт што го третира Скопје како град што се доживува преку сите сетила.

Изложбата, според организаторите, не се случува во галерија, туку во живиот урбан простор, а публиката ќе може да се движи низ центарот следејќи специјална мапа со означени локации каде се поставени уметничките дела.

„Ова не е само изложба, туку искуство, експериментално-социјален проект што ги активира телото, емоцијата и сензацијата како алатки за критичко перципирање на градот,“ велат од ДЛУМ.

Во пет (плус едно) сензорни зони – слух, вид, допир, мирис, движење и имагинација – уметниците создаваат интерактивни и поетски простори кои нудат алтернативна перцепција на Скопје.

Меѓу учесниците се реномирани имиња како:
Игор Сековски, Борис Шемов, Гордана Вренцоска, Гоце Наневски, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Ана В’чкова, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Тања Ристевска, Борче Богоевски, Марија Сотировска, како и гостите Лучезар Бојаџиев (Бугарија) и Светлана Волиц (Србија).

„Ова не е изложба што ја гледаш. Ова е изложба што ја чувствуваш,“ поентираат од ДЛУМ.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а годинава и од ЈУ Универзална сала, Македонска опера и балет, Музеј на град Скопје, Македонски Телеком и Музејот на македонската ослободителна борба.

CATEGORIES
Share This