ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ СО НОВА ВЕРЗИЈА НА „Како Пиреј“ – мост меѓу генерациите
Новата верзија е дел од второто продолжение на музичкиот проект „Македонијо, во срце те носиме“, во продукција на „Скендеровски продукција“.

Познатиот поп-пејач Ламбе Алабаковски ја преработи култната песна „Како Пиреј“ на Гоце Николовски, која првично беше изведена на „Фолк фест Валандово“ во 1994 година. Новата верзија е дел од второто продолжение на музичкиот проект „Македонијо, во срце те носиме“, во продукција на „Скендеровски продукција“.
Аранжманот на преработката го потпишува Николче Мицевски, кој ѝ даде современ звук на песната, задржувајќи го нејзиниот оригинален дух. „Песната доби современ звук, но го задржа својот дух. Новата верзија е мост меѓу генерациите и музичкото наследство“, изјави Алабаковски.
Оригиналната музика и текст се дело на Гоце Николовски и Јован Павловски. Интересно е што уште во 1994 година песната доби две верзии – една изведена на фестивалот и друга со мали измени, објавена на аудиокасета.
Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува со нови преработки на народни и заборавени песни, со учество на реномирани уметници како Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски и Сузана Спасовска. Новите изведби ќе се промовираат во текот на наредните месеци.


