ОД ЗБОРОВИ КОН ДЕЛА Една година конкретни резултати во МОН

Министерката изрази задоволство од соработката со студентите и нагласи дека се прифатени десетина предлози за проширување на студентските права.

ОД ЗБОРОВИ КОН ДЕЛА Една година конкретни резултати во МОН
Фото: Принтскрин

Во изминатата година постигнавме значаен напредок во реализацијата на програмските цели, со што ги поставивме темелите за изградба на квалитетен и конкурентен национален образовен систем. Систем кој обезбедува еднаквост, ефикасност, релевантни знаења и вештини, синхронизираност со пазарот на труд и задоволство кај сите чинители во воспитно-образовниот процес.

Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на денешната прес-конференција, на која заедно со заменик-министерот, државниот секретар и директорите на Педагошката служба, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар, ги презентираше резултатите од првата година од мандатот.

„Недостигот на учебници беше првиот сериозен предизвик, но успеавме да го надминеме во краток рок. Ги испечативме и испорачавме сите одобрени учебници, а создадовме и нови наставни материјали, особено за предмети за кои претходно немаше соодветна литература. Во средното стручно образование издадовме над 100 нови наслови“, изјави Јаневска.

Во тек се постапки за набавка и печатење на учебници за новата учебна година, вклучително и странските јазици, чии учебници недостасуваат речиси шест години.

Министерката се заблагодари на наставниците за нивната ангажираност, истакнувајќи дека грижата за нив продолжува.

„Одлучивме да започнеме етапно, реално покачување на платите во период од четири години. Веќе е реализирано зголемување од над 12%, а универзитетските професори добија 14% од јануари годинава“, рече таа.

Дополнително, наставниците се ослободени од тројно внесување идентични податоци – во електронскиот дневник, свидетелствата и главните книги, што им остава повеќе време за квалитетна настава.

Со инвестиција од 2 милијарди денари, во тек е изградба на 7 нови училишта, реконструкција на 20 објекти и изградба на 4 спортски сали. Темелно се обновуваат два студентски дома во Скопје, а над 50 училишта добиваат фотоволтаични системи.

До крајот на годината ќе продолжи изградбата на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, како и почеток на изградба на нови кампуси за Универзитетот „Мајка Тереза“ и Медицинскиот факултет во Штип.

Јаневска нагласи дека оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска настава се приоритети.

„Овие реформи ќе овозможат поквалитетна настава, подолг престој во училиштата, подобра социјализација за учениците од рурални средини и поефикасно искористување на ресурсите. Веќе 153 училишта работат едносменски, а наскоро ќе им се приклучат уште шест“, додаде министерката.

Министерката изрази задоволство од соработката со студентите и нагласи дека се прифатени десетина предлози за проширување на студентските права.

„Науката е основа за развој. Буџетот за научно-истражувачка дејност е зголемен двојно – на 680 милиони денари. Објавени се три повици за финансирање иновативни проекти, а станавме партнери и со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија“, истакна Јаневска.

Пристапот до базите Web of Science и Scopus е бесплатен за вработените и студентите на државните универзитети.

Во изминатиот период, Државниот просветен инспекторат и службите на МОН спроведоа над 2.000 надзори, при што поради неправилности се затворени 14 приватни научни институти и школи.

Изменетата законска регулатива воведе:

-Образовни асистенти во средното образование

-Поголема поддршка за талентирани ученици

-Финансиска поддршка за наставнички здруженија што организираат меѓународни олимпијади

-Кариера и професионално насочување на ученици

-Формално образование за лица во казнено-поправни домови и за оние со надмината возраст

„Минатото нè научи како изгледа негрижата со деца кои се последни на ПИСА тестирањата, со невидливи универзитети и научници кои заминуваат. Сега е време за промена. Благодарна сум на сите кои ја поддржуваат оваа визија и на медиумите кои придонесуваат за ефикасна и транспарентна институционална работа“, заврши министерката Јаневска.

CATEGORIES
Share This