ОДЛИЧНИ НА ХАРТИЈА, СЛАБИ НА ТЕСТ – Од 226 ученици со просек 5,00 половина освоиле 75 поени од можни 150 поени
Во однос на предложените законски измени кои предвидуваат укинување на можноста за корекција на оценките на наставнички совет, Јаневска рече дека целта е да се поттикнат учениците на поактивно учење, а наставниците да бидат одговорни во оценувањето.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска повторно се осврна на квалификациското тестирање за упис во гимназијата „Георги Димитров“, по реакциите кои следуваа по нејзината изјава дека „од 75 ученици со просек 5,00, половина паднале на испитот“.
Според Јаневска, тестирањето открило голем јаз меѓу оценките во свидетелствата и реалното знаење на учениците. Таа изјави дека од вкупно 226 ученици кои полагале квалификациски тест, половина освоиле 75 поени од можни 150, што според неа „не е ни за двојка“. Последниот запишан ученик, додаде таа, освоил само 45 поени.
„Очигледно е дека постои лажна слика за знаењето кај дел од учениците. Сите се со просек 5,00, но кога ќе се појават на тестирање, резултатите покажуваат друго. Родителите мора да станат свесни дека нивните деца мора да го заслужат успехот, бидејќи тоа ќе има влијание врз нивниот живот,“ истакна министерката.
Сепак, училиштето „Георги Димитров“ претходно објави дека на тестирањето ниту еден ученик не освоил нула поени, а сите 226 ученици што полагале имале просек 5,00. Директорот на училиштето Саша Стоименов изјави дека веројатно станува збор за недоразбирање и потенцираше дека сите запишани ученици се рангирани според освоените поени.
Во меѓувреме, министерката најави дека од следната година ќе биде имплементиран нов, надграден електронски дневник, кој ќе овозможи автоматско издавање на свидетелства и дигитална пријава на учениците, со што ќе се намалат административните трошоци и ќе се елиминира потребата од печатење документи.
„Системот ќе ги поврзе сите потребни документи. Свидетелствата ќе се издаваат автоматски, без потреба од печатење, што значи и значителна заштеда на буџетски средства“, изјави Јаневска.
Во однос на предложените законски измени кои предвидуваат укинување на можноста за корекција на оценките на наставнички совет, Јаневска рече дека целта е да се поттикнат учениците на поактивно учење, а наставниците да бидат одговорни во оценувањето.
„Очекувам поголем ангажман од учениците, и да престанат родителските притисоци. Ако ученикот смета дека е неправедно оценет, може да полага пред комисија и така да го докаже своето знаење,“ рече министерката.
Квалификациско тестирање за упис оваа година се спроведе и во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и училиштето „Гостивар“ во Гостивар.


