СУДИИТЕ КРИВО НЕКА СЕДАТ – ПРАВО НЕКА СУДАТ Кочани повторно маршира за правда
Родителите најавија дека нема да престанат да маршираат сè додека не добијат вистинска правда.

Во Кочани денеска се одржа единаесеттиот „Марш за ангелите“, во чест на младите чии животи беа згаснати во пожарот во дискотеката „Пулс“. Родителите и роднините на загинатите повторно излегоа на улица, облечени во црно, носејќи ги сликите на своите деца и повикувајќи на правда.
Тие изразија длабоко разочарување во институциите, обвинувајќи ги за низа пропусти и прикривања. Потсетија дека трагедијата можела да се избегне доколку инспекциите ја затвореле дискотеката која, според нив, работела без дозвола.
„Да беше затворена дискотеката, нашите деца ќе беа живи“, рече една од мајките. „Се борам за сите деца – и за моето и за вашето“, додаде таа, додека до неа друга мајка со солзи изусти: „Јас немам веќе дете. Едно имав, и тоа ми го зедоа“.
На протестот се зборуваше и за последните информации од Управата за јавни приходи (УЈП), според кои дискотеката добила глоба за работа без фискален систем, но казната била платена, а затворено било само кафулето. Родителите сметаат дека се манипулира со јавноста и дека институциите се обидуваат да ја прикријат вистината.
Бараат одговорност од сите инволвирани – од полицајците кои таа вечер интервенирале, до директорот и медицинскиот персонал во кочанската болница, за кои велат дека немале соодветни материјали и кислород и не успеале да им помогнат на настраданите.
„Судиите криво нека седат, ама право нека судат – и тоа да биде што поскоро“, порача една од мајките, нагласувајќи ја потребата за брза и правична постапка.
Роднините и понатаму не се задоволни од текот на истрагата и обвинението против 34 физички и три правни лица. Сметаат дека вистинската правда сè уште ја нема и дека институциите не ја исполнуваат својата должност.
Маршот започна во 18:05 часот – точното време на трагедијата на 16 март, кога за време на концертот на групата ДНК и по употреба на пиротехника, избувна пожар во дискотеката „Пулс“. Во несреќата животот го загубија 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени.
Родителите најавија дека нема да престанат да маршираат сè додека не добијат вистинска правда.


