ПРВПАТ ЗАКОН ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ Поставени темели за дигитална држава
Собранието продолжува со дебата по Предлог-законот за вработените во јавниот сектор, како и по законите за административни службеници и нивното стручно усовршување - сите дел од пошироката реформска рамка насочена кон ефикасна и современа јавна администрација.

На 58. седница, Собранието денеска усвои четири значајни закони од реформската агенда за дигитална трансформација, со што Македонија добива пристап до над 19 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан. Од тие средства, 5,7 милиони евра ќе бидат наменети како директна буџетска поддршка.
Изгласани се следните закони:
-Закон за електронските комуникации
-Закон за безбедност на мрежни и информациски системи
-Закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги
-Закон за архивски материјал и архивска дејност
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски им се заблагодари на пратениците за поддршката и истакна дека со овие закони државата прави крупен чекор кон дигитална интеграција со Европската Унија:
„Сме пионери во регионот и покажуваме како европските директиви можат успешно да се применат дома. Влегуваме во фазата на нивна целосна реализација,“ рече Андоновски.
С0 Законот за безбедност на мрежни и информациски системи за првпат се воспоставува законска рамка за сајбер безбедност. Се формираат два ЦИРТ тима – еден јавен и еден за Владата – со фокус на брз одговор при сајбер инциденти и подобрена координација. Законот за електронските комуникации е усогласен со европскиот законик и Директивата 2018/1972 и овој закон ќе ја подобри услугата за потрошувачите, ќе ја поедностави инфраструктурата и ќе ја зацврсти регулаторната улога на АЕК. Законот за електронски документи и е-идентификација овозможува воведување на дигитален паричник, кој ќе обезбеди сигурен, прекугранично признат електронски идентитет за граѓаните и бизнисите. Законот за архивски материјал воведува дигитално управување со службената документација, со транспарентен и ефикасен систем за заштита и чување на архивскиот материјал.
Дополнително беше изгласан и Законот за техничка опрема за транспорт (лифтови, жичари, дигалки) со ко се регулира пуштање во употреба, одржување и надзор на техничката опрема. Контролата ќе ја спроведува Државниот пазарен инспекторат.
Собранието продолжува со дебата по Предлог-законот за вработените во јавниот сектор, како и по законите за административни службеници и нивното стручно усовршување – сите дел од пошироката реформска рамка насочена кон ефикасна и современа јавна администрација.


