ЕВРОПА ЈА ВИДЕ ДВОЛИЧНОСТА КОН МАКЕДОНИЈА – Како што Русија ја негира Украина, така некои ја негираат Македонија
Сепак, како што рече, суштинскиот проблем не е во Уставот и бугарското малцинство, туку во обидот да се редефинира македонскиот идентитет.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека на последната седница на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент (АФЕТ), Европа имала можност да види „лицемерие на некои политичари“ во однос на Македонија, споредувајќи го однесувањето на дел од нив со политиката што Русија ја води кон Украина.
„Сведочевме на обид во 21 век во срцето на Европа да се негира македонскиот идентитет и јазик – исто како што Русија го негира украинскиот идентитет. Тие што обвинуваат Русија, сега се обидуваат на македонскиот народ да му наметнат нов, ‘модерен’ идентитет и јазик“, изјави Мицкоски од Скопје, по посетата на Универзитетската клиника за детски болести.
Тој оцени дека реакциите на бугарските политичари, како писмото од претседателот Румен Радев до европските институции и изјавата на Бојко Борисов, се пораки за домашна публика. Сепак, како што рече, суштинскиот проблем не е во Уставот и бугарското малцинство, туку во обидот да се редефинира македонскиот идентитет.
„Тоа што три години не убедуваа некои политичари – дека идентитетот и јазикот ни се заштитени – вчера падна во вода. Не се проблем уставните измени, проблемот е македонскиот народ, јазикот и нашата историја“, нагласи Мицкоски.
Тој повтори дека Македонија не бара нови услови, туку само Бугарија да ги испочитува обврските кои произлегуваат од европските стандарди за човекови права.
„Очекуваме признавање на македонското малцинство во Бугарија, дозвола за функционирање на ОМО Илинден – Пирин и спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права“, рече Мицкоски, потсетувајќи дека според податоци од 1956 година, македонското малцинство било најбројно во тогашна Западна Бугарија.
Во однос на пленарната седница на Европскиот парламент, што ќе се одржи меѓу 7 и 11 јули, премиерот најави дека борбата ќе продолжи.
„Можеби таму ќе помине амандманот за ‘модерен македонски јазик’, но важно е што Европа виде кој е кој. Виде колку се лицемерни некои политичари, кои за истото нешто имаат различни ставови – едни за Украина, други за Македонија“, изјави тој.
Мицкоски изрази уверување дека Македонија може брзо да ги заврши преговорите со ЕУ, но само како Македонци, со македонски јазик и идентитет, а не со „измислени нови термини“.
Бугарскиот претседател Румен Радев испрати писмо до челниците на ЕУ во кое изразува незадоволство од содржината и подготовката на извештајот на европратеникот Томас Вајц. Тој го смета за „вознемирувачки“ тоа што Европскиот парламент се изјаснил за теми како идентитет и јазик и предупреди дека Бугарија нема да прифати никакви отстапки од европскиот консензус од 2022 година.
„Скопје сè поотворено демонстрира отстапување од договореното, што го доведува во прашање нивната посветеност кон европската интеграција“, стои во писмото.
Извештајот на Вајц беше усвоен со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“. Бугарски европратеници најавија дека ќе достават „мислење на малцинството“ како дополнение на текстот.
Амандманот за внесување на терминот „современ македонски јазик“ не беше ставен на гласање, бидејќи најмалку шест членови на АФЕТ се изјаснија против. Мицкоски истакна дека тој амандман бил поддржан не само од Европската народна партија, туку и од социјалдемократите, либералите и зелените.


