ЕВРОПА ПОД ЗАКАНА – Орбан предупредува на терор, миграција и енергетски колапс
Според Орбан, можна војна во Иран носи со себе три конкретни ризици за Европа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати сериозно предупредување за можните последици од евентуален вооружен конфликт со Иран, нагласувајќи дека таквото сценарио би имало длабоки и далекусежни последици за Европа. Во интервју за унгарското државно радио „Кошут“, Орбан оцени дека евентуален распад на иранската држава би предизвикал безбедносен хаос во поширокиот регион и директно би ја загрозил стабилноста на европскиот континент.
Според Орбан, можна војна во Иран носи со себе три конкретни ризици за Европа:
-
Зголемена терористичка закана – Радикалните групи би можеле да го искористат хаосот за ширење на своите активности, вклучително и вршење напади на европско тло.
-
Нов миграциски бран – Во случај на ескалација на насилство, стотици илјади луѓе би можеле да се обидат да избегаат кон Европа, што би создадало нова миграциска криза.
-
Енергетски шок – Иран има централна улога во глобалната нафтена трговија. Војна во регионот би довела до раст на цените на енергенсите, со сериозни економски последици за европските земји.
Орбан го опиша Иран како држава од суштинско значење за стабилноста во регионот. Со популација од над 90 милиони жители, моќна армија и активна нуклеарна програма, Иран претставува фактор кој не може лесно да се занемари. Дополнително, географската положба на земјата – особено контролата врз Ормускиот Теснец преку кој минува значителен дел од светската нафта ѝ дава стратешка тежина.
Премиерот посочи и на сложената етничка структура на иранското општество, каде што, покрај доминантните Персијци, живеат бројни етнички малцинства. Доколку државната власт се распадне, постои сериозен ризик од етничка фрагментација, што би довело до поширок регионален хаос.
Орбан го издвои случајот на Азербејџан како посебно чувствителен. Додека околу 10 милиони Азербејџанци живеат во Азербејџан, повеќе од 20 милиони се наоѓаат во Иран. Евентуална нестабилност во Иран може да поттикне сепаратистички тенденции и во други држави, како што е Пакистан, што дополнително би го дестабилизирало регионот.
„Вистинската опасност не е само во директната воена конфронтација, туку во можноста целиот Блиски Исток да излезе од контрола“, предупреди Орбан. „А тоа е закана што Европа не смее да ја игнорира.“


