Постојат три меѓународно правно признати – основи за поништување на Договорот со Грција

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Понеделник, 16 јуни 2025 година
Повторно, утре 17 јуни е уште едно потсетување дека пред седум години марионетската влада на Зоран Заев во селото Нивици во егејскиот дел на Македонија окупиран од Грција, склучи Договор со Грција, познат како преспански договор со кој се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Настрана исклучивата штетност на Договорот во однос на националните интереси, на меѓународен план постои основна претпоставка дека надворешната политика на државите ја водат стручно и политички висококфалификувани луѓе.
Меѓутоа, во случајот на Македонија не е така, бидејќи, постапката за договор со Грција за името има стручни и професионални недостатоци кои го прават договорот ништовен според меѓународното право.
Генерално, прашањата што се појавуваат во меѓународните договори се регулирани со Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, со која меѓународното право доби „договор за договорите“ („the Treaty on Treaties“).
Според Конвенцијата, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети и два општи услови:
Прво, договорот да биде склучен од страна на надлежни органи. Во случајот, владата на Зоран Заев склучи договор за кој нема надлежност а башка што марионетата Заев беше избран од Собрание со кое претседава нелегален претседател. Примарна надлежност за склучување на меѓународни договори според домашниот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори има претседателот на Републиката, а владата склучува меѓународни договри само за прашања наброени во законот (член 3 став 2).
Второ, договорот треба да има дозволен предмет. Во меѓународниот поредок постојат граници во слободата на договарањето. Волјата на државите е суверена само во рамките на еден определен правен поредок, кој е ограничен со императивни норми (ius kogens). Кај овие норми не е дозволено отстапување и државите со свои спогодби не можат да ги изменат. Дококу апсолутното задолжително право (ius kogens) не се применува, постапката што довела до повреда на императивната норма е ништовна.
Во случајот, според општото меѓународното право и правото на ОН (ius kogens правила во Повелбата) не е дозволено мешање во прашања што спаѓаат во внатрешната надлежност на секоја држава. Според меѓународно право, името на една држава е прашање на внатрешната надлежност на секоја држава, а не на меѓународното право и оттука за име на една држава не може да се преговара.
Секое мешање во името на државата како инхерентно право кое е во строга внатрешна јурисдикција доведува до повреда на меѓународното право, бидејќи правниот идентитет – името на државата е суштествен елемент на правната личност, тој не може да се отуѓува, ниту, пак, за едно инхерентно право може да се преговара.
Најважните претпоставки на суверенитетот и еднаквоста на државите меѓу останатите, би била и должноста за неинтервенција на било кој меѓународен субјект во областите на исклучена јурисдикција на другите држави, што значи дека е недозволиво да се интервенира и во област (име на држава) која е во исклучителна внатрешна јурисдикција на државите.
Важноста на меѓународен договор склучен меѓу две или повеќе држави или на согласноста на државата да биде врзана со Договорот може да се оспори само врз основа на Конвенцијата. Важно е дека Македонија и Грција се држави потписнички на Виенската конвенција за договорното право и се должни да ја почитуваат. Оттаму, билатералниот договор меѓу Македонија и Грција може да се поништи само во согласност со основите и во постапка утврдена со Конвенцијата за договорното право.
Поврзано со ова, важно според Конвенцијата на Македонија и стојат на располагање три меѓународно правно-признати основи за поништување на Договорот кои се детално обработени во мојата книга: „Меѓународно правните основи и постапката за поништување на Договорот меѓу Македонија и Грција“.
Доколку се следи практиката во ООН, во врска со промената на називите на нејзините членки, произлегува дека ваквата правна постапка секогаш започнува и завршува кај Секретаријатот со негово известување дека односната држава извршила промена на сопственото име во согласност со нејзините внатрешни уставни процедури. Генералниот секретар по добиеното известување за промена на името на една држава, само го проследува тоа известување на запознавање до членките и органите на ООН.
Меѓутоа, Заев кога веќе реши да го промени името на државата ја заобиколи оваа процедура и одеше на варијанта со меѓународен договор со Грција кој патем е ништовен според меѓународното право, но, поради просторот, за ова во друга прилика.
Како и да е, со договорот со Грција продолживме со погрешниот тактички приод на екстремна кооперативност, налик на оној на претседателот Глигоров, кој, брзопотезно се согласи со промена на Уставот (1992), срамниот приме во ОН (1993), промена на националното знаме (1995), мислејќи дека така ја импресионира европската јавноста, во 2018 година промена на имиња на аеродромот, автопатот, рушење на споменици на истакнати револуционери кои загинале за Македонија, согласност за ерга омнес….но, Македонија повратно нема никаква корист иако практично ги потроши клучните адути во спорот со Грција.
За крај, марионетата Заев направи еуфорија од договорот со Грција за името и ликуваше што амбасадори на земји-членки на ЕУ и САД го поздравија таквиот договор, но, Заев треба да знае дека и во 1913 во Букурешт странските претставници го поздравија Букурештанскиот договор, а знаеме како поминаа Македонија и Македонците со тој договор.
Севкупно, се прави искривување на општо познати меѓународни факти со обидот Македонија да се прикаже како вештачка држава на местото на вистинските вештачко создадените држави како што е Грција создадена од западот или пак, Бугарија (создадена од царска Русија). Патем, за историјата на концептот за обезличување на Македонците чие продолжение е договорот со Грција, пишував во една моја колумна насловена како Клио.
Како и да е, иронијата да биде поголема, во историјата други не делеле, а сега самите зборуваме и договараме поделба меѓу Македонците. Важно, договорот е илустрација на едно тешко предавство на основните начела и норми на меѓународното апсолутно задолжително право (ius cogens). Според тоа, договор со Грција за името е ништовен според меѓународното право со што се отвора патот таквиот договор да биде лишен од правно дејство за што со писмо од 15 мај 2018 лично го известив и тогашниот грчки премиер Ципрас.




