ПО НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА ХОТЕЛ ОД МИЈАЛКОВ, НОВ ГОЛЕМ ОБЈЕКТ ВО ЧАРШИЈАТА Охрид го губи автентичниот лик
Објектот е видлив и од страната на паркингот, додека во градот се предлага формирање на стручно тело - борд составен од архитекти и други професионалци, кој ќе ја координира комуникацијата со УНЕСКО

Во дел од охридската чаршија, која некогаш беше препознатлива по занаетчиските дуќани и старите градби, денеска доминираат ресторани и угостителски објекти, а улицата речиси целосно го изгуби својот автентичен лик и значење. Иако се наоѓа во рамките на Старото градско јадро, заштитено со посебен закон – Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, ова подрачје е препуштено на стихијата, без никаква соодветна регулатива.
Според Охрид СОС, само мал број староградски објекти успеваат да му одолеат на времето. Голем дел од просторот е зафатен од угостителски објекти кои ја стесниле улицата, оставајќи за минувачите и велосипедистите само тесен премин.
Наместо институциите да го регулираат изгледот и изградбата, во последните децении се градат високи објекти со нетипичен стил, без почитување на препораките за факсимилна реконструкција на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот Охрид.
Особено загрижувачки е што на крајот од чаршијата неодамна започна изградба на голем објект кој со својот обем и висина значително се издвојува од околните. За почетокот на градежните работи минатата година беа исечени стебла стари децении, а механизацијата нанесе и оштетувања на партерното уредување.
Сето тоа се случува и покрај фактот дека институциите го ставиле на прво место интересот на поединци, наместо јавниот интерес.
Објектот е видлив и од страната на паркингот, додека во градот се предлага формирање на стручно тело – борд составен од архитекти и други професионалци, кој ќе ја координира комуникацијата со УНЕСКО.
Сепак, додека тоа се случува, културното наследство и специфичните градски четврти неповратно се губат, предупредуваат од здружението Охрид СОС.
Да потсетиме, Национал пишуваше за самоволието на Мијалков и барањето на Здружението СОС за итно запирање на изградбата на хотелски комплекс на локацијата „Горица 3“, на источниот брег на Охридското Езеро каде Мијалков гради незаконски.
Активистите упатија повик и до Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство да ги испитаат сите наводи и да поведат постапки против сите вклучени страни, меѓу кои и инвеститорот „Дивелоп Груп ДООЕЛ Скопје“ поради:
- Хотелот се гради врз основа на незаконско одобрение;
- Урбанистичкиот план е спротивен на препораките за заштита на светското наследство;
- УНЕСКО предупредува – оваа локација е закана за природното и културното богатство на Охрид;
- Институциите молчат, градежните машини работат.


