ТЕАТАРСКАТА МАГИЈА СЕ ВРАТИ ВО ПРИЛЕП Стартува 59. МТФ „Чернодрински“
Голем интерес повторно покажува прилепската публика, а неколку претстави се веќе распродадени пред официјалниот старт на фестивалот.

Со премиерата на претставата „12“ во изведба на Македонскиот народен театар и режија на Синиша Евтимов, на 6 јуни во Центарот за култура „Марко Цепенков“, свечено беше отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Голем интерес повторно покажува прилепската публика, а неколку претстави се веќе распродадени пред официјалниот старт на фестивалот.
Во претставата „12“ настапува ѕвездена актерска екипа, составена од: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви / Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Пред почетокот на изведбата беа доделени наградите за животно дело, кои годинава им припаднаа на Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски.
На свеченото отворање се обратија уметничката директорка и селекторка на фестивалот, Ана Стојаноска, како и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески. Стојаноска нагласи дека годинашното издание е подготвено со голема љубов и внимание, а Прилеп повторно ја потврдува својата улога како дом на театарската уметност.
„Фестивалот го подготвивме со љубов, почит и соработка со целиот град и поддржувачите. Нашата публика секогаш докажува зошто Прилеп е местото каде театарот се слави со срце“ – рече Стојаноска.
Ова издание на фестивалот, кое ќе трае до 13 јуни, се одржува под мотото „Смеј се и осмели се“. Во официјалната селекција се вклучени девет претстави, додека независната програма брои четири, а една претстава е дел од придружната програма.
За наградите ќе одлучува меѓународно жири во состав: Нела Оташевиќ од Црна Гора, Иван Меденица од Србија и Лилиа Абаџиева од Бугарија.
Покрај главните изведби, фестивалската програма нуди и детска зона, книжевни промоции и тркалезни маси. Наместо традиционалната платформа „Автор во фокус“, годинава акцентот е ставен на тројца прилепски дејци: актерот и поранешен директор на фестивалот Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и писателот Благоја Ристески Платнар.
Новина на фестивалот е програмата „Драмолетање“ – пичинг форум на кој драмски автори ги претставуваат своите нови дела со цел да се поттикне современото драмско творештво и неговото поставување на сцена.
Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Вистината“ во продукција на Театар Комедија.


