КАДЕ ЗАПРЕЛА ПОСТАПКАТА Министерството за финансии одобрило вработувања за тетовската болница

Останува нејасно дали административни или интерни болнички процедури го забавиле процесот за реализација на одобрените вработувања, додека дел од вработените се соочуваат со неисплатени плати.

КАДЕ ЗАПРЕЛА ПОСТАПКАТА Министерството за финансии одобрило вработувања  за тетовската болница
Фото: Принтскрин

Тетовската клиничка болница добила позитивен и навремен одговор од Министерството за финансии за вработување на нов медицински кадар, но постапката очигледно е заглавена некаде по пат, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска. Таа апелираше надлежните институции да утврдат каде точно е блокиран процесот.

Изјавата на министерката следи по протестот на медицинскиот персонал од тетовската болница, кој алармираше дека дел од вработените не примиле плата два месеца. Според Димитриеска Кочоска, Министерството за финансии навремено го одговорило барањето за вработување, откако било проверено дали има расположливи финансиски средства.

„Процедурата функционира така што Министерството за здравство испраќа барање до Фондот за здравствено осигурување, кој потоа го препраќа до Министерството за финансии. Таму се прават потребните проверки и, доколку има средства, се издава позитивна согласност во рок од 30 дена“, објасни министерката.

Таа додаде дека досега не се случило Министерството за финансии да не одговори навреме во случај на позитивна согласност, и нагласи дека во случајот со Тетово, одговорот бил даден уште пред да започнат реакциите од вработените.

„Каде запрела постапката – дали во Фондот, Министерството за здравство или самата болница – тоа треба да го утврдат надлежните. Кај нас нема застој, секој документ се евидентира и има трага во архивата“, потенцираше Димитриеска Кочоска.

Останува нејасно дали административни или интерни болнички процедури го забавиле процесот за реализација на одобрените вработувања, додека дел од вработените се соочуваат со неисплатени плати.

CATEGORIES
Share This