ДУИ СО ЖЕСТОКИ ОБВИНУВАЊА – ВМРО-ДПМНЕ стои зад уценливи структури во „Вреди“
Партијата предупредува дека станува збор за смислен политички проект со цел нарушување на меѓуетничката еднаквост, демонтажа на Охридскиот рамковен договор и оддалечување на земјата од нејзиниот европски пат.

Скандалите поврзани со незаконски активности на раководството на политичката коалиција „Вреди“, како дел од т.н. „урбан криминал“, само ги потврдуваат претходните предупредувања за нејзината контроверзна позадина, велат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) во најновото партиско соопштение.
Според ДУИ, коалицијата „Вреди“ е директен продукт на ВМРО-ДПМНЕ, создадена и поддржана со цел да се инсталираат уценливи и контролирани личности во политичкиот систем. Како што посочуваат, овие поединци имаат отворени досиеја во обвинителството, кое, според нив, е под целосна контрола на владејачките структури.
Партијата го истакнува случајот со Општина Чаир, каде, како што наведуваат, се изградени над 150 нелегални објекти без градежни дозволи, сеизмички и статички стандарди и без институционален надзор. Овој урбан хаос, според ДУИ, не претставува само кршење на законот и директна опасност за граѓаните, туку и средство за политички притисок врз челниците на „Вреди“, кои, како што велат, се трансформирале во „покорни алатки“ на антиевропската и антиалбанската агенда на Владата.
„Албанците никогаш нема да ја прифатат оваа фарса од претставување, каде нивниот глас се заменува со луѓе покорени од страв од кривична одговорност“, порачуваат од ДУИ.
Партијата предупредува дека станува збор за смислен политички проект со цел нарушување на меѓуетничката еднаквост, демонтажа на Охридскиот рамковен договор и оддалечување на земјата од нејзиниот европски пат.


