ГУГВЕРНЕРОТ СЛАВЕСКИ Заштедите се безбедни, фиксен курс е клучен за иднината

Фиксен девизен курс, ниска и стабилна инфлација во рамки на онаа во еврозоната и заштита на интересите на граѓаните и стопанството ќе бидат клучни приоритети на Народната банка во наредниот период, порача новиот гувернер Трајко Славески во своето прво интервју за медиуми по назначувањето.
„Фиксниот девизен курс, којшто ѝ служеше добро на Република Македонија, ќе остане и понатаму. Се надеваме на скорешен влез во Европската Унија, а со тоа и на подготовка за воведување на еврото. Овој фиксен режим на девизниот курс е важен дел од таа подготовка“, изјави Славески.
Тој посочи дека е клучно во соработка со фискалната власт, особено со Министерството за финансии, да се обезбеди ниска инфлација и стабилност на цените. Според него, инфлацијата мора да се движи во рамки на онаа во еврозоната, бидејќи само така се одржува конкурентноста на домашната економија.
„Ако, како во изминатите години, инфлацијата биде двојно повисока од онаа во еврозоната, тоа е непожелна состојба. Ниска и стабилна инфлација е основа за предвидлива економска средина, што е од клучно значење и за граѓаните и за бизнисите“, истакна гувернерот.
Славески ја увери јавноста дека заштедите на граѓаните се безбедни и најави дека Народната банка ќе продолжи да обезбедува стабилност и предвидливост за деловната заедница.
„Ќе обезбедиме услови деловните субјекти да можат да ги планираат своите операции и развојни стратегии со доверба и сигурност“, додаде Славески.
Според него, стабилната монетарна политика ќе биде клучна поддршка на долгорочниот економски раст и развој на државата.


