ПОЧНА КУРБАН БАЈРАМ Молитва, курбан и порака за хуманост
Курбан Бајрам, покрај својата верска димензија, претставува и момент на семејно заедништво, прошка, и делење со оние кои имаат помалку - вредности кои остануваат во срцето на исламската традиција.

Денеска муслиманските верници ширум светот, како и во Македонија, го слават Курбан Бајрам – вториот најголем исламски празник по Рамазан Бајрам (Фитр Бајрам). Празникот, кој трае три дена, започнува со утринската молитва – Бајрам намаз, на која верниците бараат милост и благослов од Семоќниот Алах.
Карактеристичен обичај за Курбан Бајрам е принесувањето жртва – курбан, што симболизира покорност и приближување до Бога. Во оваа пригода, муслиманите кои се во можност жртвуваат овци или телиња, а дел од месото традиционално го распределуваат на сиромашните, соседите и роднините, истакнувајќи ја важноста на солидарноста и хуманоста.
Курбан Бајрам се одбележува 70 дена по Фитр Бајрам и го симболизира денот кога е комплетирано објавувањето на Светиот Куран. Воедно, овој празник го крунисува и аџилакот – петтиот столб на исламот, кој ја симболизира духовната зрелост, посветеност и заедништво меѓу верниците.
По повод празникот, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи, упати празнична порака до верниците. Во обраќањето тој го нарече Курбан Бајрам „голем и благословен празник“, кој содржи божествени пораки што треба да ги поттикнат верниците на љубов, посветеност и духовно воздигнување.
„Големината на овој празник се огледува во фактот што во овие денови се комплетирало објавувањето на славниот Куран, се извршува аџилакот и се принесува курбан во чест на Семоќниот Алах,“ истакна Фетаи.
Курбан Бајрам, покрај својата верска димензија, претставува и момент на семејно заедништво, прошка, и делење со оние кои имаат помалку – вредности кои остануваат во срцето на исламската традиција.


