Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека најдобра опција за реализација на хидроенергетскиот проект Чебрен е тој да остане под македонска сопственост.
Според неа, капацитетот од над 300 мегавати електрична енергија претставува значаен ресурс кој може да има мултифункционална намена – освен за производство на електрична енергија, и за наводнување и развој на туризмот.
„Формиравме работна група во Министерството, која неколку месеци работеше на изготвување на предлог. Анализите покажуваат дека најдобро е овој капацитет да остане во македонска сопственост, бидејќи станува збор за ресурс со голем енергетски, економски и развоен потенцијал“, изјави Божиновска за Македонската радио телевизија.
Проектот, според проценките на експертите, ќе чини најмалку 1 милијарда евра. Предвидена е изградба на брана висока 190 метри, а реализацијата на целиот проект би траела меѓу седум и осум години. Министерката потсети дека во изминатите децении биле спроведени дури 14 неуспешни тендерски постапки за изградба на Чебрен.
Во меѓувреме, Владата активно разгледува различни модели за финансирање на овој капитален проект. Од минатата недела, Чебрен е вклучен во листата на проекти кои потенцијално би се финансирале преку договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.