СКРАТУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО НА ПАТУВАЊЕ Нов граничен премин Маркова Нога – Лемос

Во рамки на проектот, предвидено е реновирање на постојната полициска станица на македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на грчка територија, како и развој на прекугранична пешачка патека меѓу селата Брајчино и Агиос Германос.

СКРАТУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО НА ПАТУВАЊЕ Нов граничен премин Маркова Нога – Лемос
Фото: МВР

Денес, во присуство на високи претставници од Северна Македонија, Грција и Европската унија, свечено беше одбележан почетокот на втората фаза од проектот „Гранична станица Преспанско Езеро“, со кој се најавува воспоставување на нов граничен премин меѓу Маркова Нога (Северна Македонија) и Лемос (Грција).

Настанот се одржа во Лемос, општина Преспа, а присуствуваа министрите за внатрешни работи на двете земји, Панче Тошковски и Теодорот Ливаниос, амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, како и претставници на локалните самоуправи и други институции.

Проектот, вреден над 7,7 милиони евра, е финансиран со 80% средства од ИПА 3 програмата на Европската унија. Претставува значаен чекор кон подобрување на прекуграничната поврзаност, скратување на времето на патување меѓу Лемос и Ресен од над два часа на околу 40 минути, како и унапредување на еко-туризмот во регионот.

Во рамки на проектот, предвидено е реновирање на постојната полициска станица на македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на грчка територија, како и развој на прекугранична пешачка патека меѓу селата Брајчино и Агиос Германос.

Министерот Тошковски, во своето обраќање, истакна дека овој проект е повеќе од инфраструктурна иницијатива – тој е симбол на заедничката визија за регионална соработка и европска иднина.

„Ова е почеток на нешто поголемо – зајакнување на односите меѓу нашите две земји. Новиот граничен премин не само што ќе ги поврзе териториите, туку и луѓето, покажувајќи дека границите во денешна Европа треба да бидат мостови, а не бариери,“ изјави Тошковски, притоа изразувајќи благодарност за поддршката од Европската унија.

Проектот официјално започна на 14 февруари 2025 година, а неговото завршување е планирано за 13 февруари 2028 година.

Во рамките на посетата, министрите Тошковски и Ливаниос одржаа и билатерална средба, на која разговараа за унапредување на билатералната соработка и за потенцијални мерки за забрзување на протокот на патници и стоки на граничниот премин Богородица – Евзони.

Проектот „БорПрес2“ се реализира во партнерство со министерствата за внатрешни работи на двете земји, регионот Западна Македонија во Грција и општините Ресен и Преспа.

CATEGORIES
Share This