ПАПАТА ЛАВ XIV Бракот е само меѓу маж и жена

Папата ги повика родителите да бидат доследни примери за своите деца, да ги учат „на патот на слободата преку послушност, секогаш барајќи го доброто во нив“, и се обрати со порака и до постарите

ПАПАТА ЛАВ XIV Бракот е само меѓу маж и жена
Фото: Википедиа

Папата Лав XIV се најде на удар од критики поради неговата најнова изјава во која повторно ја нагласи традиционалната позиција на Католичката црква за семејството, истакнувајќи дека „бракот е само меѓу маж и жена“.

„Бракот не е идеал, туку правило на вистинска љубов меѓу мажот и жената – целосна, верна и плодна љубов“, изјави папата во својата неделна проповед на миса по повод јубилејот на семејствата, бабите, дедовците и постарите лица.

Проповедта ја следеа верници од 131 земја на преполниот плоштад Свети Петар.

Оваа изјава веднаш предизвика реакција кај бројни теолози, интелектуалци и претставници на ЛГБТ+ заедницата, кои ја оценија како ретроградна и повикуваат на враќање кон времето пред отвореноста што ја покажа папата Франциско во однос на геј паровите.

Почесниот претседател на италијанската ЛГБТ+ организација Арцигај изјави дека „зборовите на папата болат“ и веќе побарал аудиенција со Светиот Отец. Критичарите го обвинија Лав XIV дека ризикува да ја затвори вратата што беше отворена со мали, но значајни чекори од неговиот претходник.

Сепак, папата Лав XIV не направи ништо повеќе од тоа да ја повтори официјалната позиција на Црквата, цитирајќи дел од енцикликата Humanae Vitae на папата Павле VI.

Традиционалистичкиот сектор со поддршка ја пречека изјавата, додека либералните кругови изразија разочараност од новиот правец.

Папата ги повика родителите да бидат доследни примери за своите деца, да ги учат „на патот на слободата преку послушност, секогаш барајќи го доброто во нив“, и се обрати со порака и до постарите:

„Грижете се за оние што ги сакате, со скромност, мудрост и трпение.“

Оние кои очекуваа нов „папа-активист“ сличен на Франциско, сега отворено го искажуваат своето незадоволство. Сепак, Лав XIV се претставува како папа кој нема намера да отстапи од доктриналните основи на Црквата, особено кога станува збор за семејството.

„Ние сме тука за да бидеме едно“, апелираше тој. „Различни, а сепак заедно. Многу, но едно. Секогаш, во секоја околност и на секоја возраст. Тоа е пораката што сакаме да му ја испратиме на светот.“

CATEGORIES
TAGS
Share This