12 ВО БОЛНИЦА, 1 КРИТИЧНО Трагедијата од „Пулс“ сѐ уште трае
Во пожарот животот го загубија вкупно 62 лица - 59 на самата ноќ на настанот и уште тројца подоцна, за време на лекувањето во странство.

Од вкупно 200 лица повредени во трагичниот пожар што се случи на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, сѐ уште 12 пациенти се на болничко лекување, од кои еден е во тешка состојба. Ова го изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Сашо Клековски, на трибината „Кочани е наш приоритет“, која денеска се одржа во Владата.
Во пожарот животот го загубија вкупно 62 лица – 59 на самата ноќ на настанот и уште тројца подоцна, за време на лекувањето во странство.
Клековски информираше дека од 200 повредени, 187 лица биле хоспитализирани, од кои 116 биле испратени на лекување во странство, а 71 останале на лекување во здравствени установи во Македонија.
Во моментов, петмина пациенти се лекуваат во земјава – тројца на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, откако биле вратени од странство, и двајца во приватната болница „Аџибадем Систина“.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, посочи дека државата досега потрошила 21 од планираните 30 милиони денари од резервите на Буџетот, наменети за транспорт, сместување и покривање на трошоците за придружба на пациентите.
„Сѐ уште седум пациенти се на долекување во странство и имаат придружба. Сите трошоци им се покриени. Очекуваме наскоро да се вратат во државата, но тоа не значи крај на грижата. Државата ќе остане посветена сѐ додека не се излекуваат сите и не се вратат дома“, нагласи Томовски.


