ЖИТО ДАЛЕ, ПАРИ НЕ ДОБИЛЕ Пелагониски земјоделци измамени за 140.000 евра
На измамените им било ветено дека, по предавањето на житните култури, ќе им биде исплатена договорената сума во договорен временски рок.

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против три физички и две правни лица, осомничени за измама со откуп на житни култури.
Пријавените се Д.Н. (30) од селото Долно Оризари, П.Н. (57) од село Путурус, општина Могила, како и две фирми со седиште во Долно Оризари.
Според информациите од истрагата, во текот на 2023 и 2024 година, првопријавениот во својство на управител, а второпријавениот како сопственик на двете пријавени правни лица, довеле во заблуда 27 лица – меѓу кои 25 земјоделци од Пелагонискиот регион и две превозни компании.
На измамените им било ветено дека, по предавањето на житните култури, ќе им биде исплатена договорената сума во договорен временски рок. Наместо тоа, откупената стока не била платена, а оштетените претрпеле вкупна материјална штета од 141.650 евра.
Случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство Битола, кое треба да ги преземе следните чекори во постапката.


