СЕКОЈ ЛЕКАР НЕМА ДА ИМА ПРИСТАП ДО СИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ Следуваат измени во здравствениот систем

Во изминатиот период, се бележи зголемен број на пријави за повреда на личните податоци во јавните здравствени установи.

СЕКОЈ ЛЕКАР НЕМА ДА ИМА ПРИСТАП ДО СИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ  Следуваат измени во здравствениот систем
Фото: Принтскрин

Од јуни, Агенцијата за заштита на лични податоци започнува со редовни супервизии во сите клинички болници во Скопје. Контролите ќе се однесуваат на начинот на прием на пациентите и нивната идентификација на шалтерите, со цел да се утврди дали се почитуваат прописите за заштита на личните податоци.

Во моментов, сите лекари имаат пристап до медицинските податоци на пациентите, што, според активистите, е неприфатливо. Здружението „Заедно посилни“, кое работи на поддршка на лицата кои живеат со ХИВ, бара ограничување на пристапот до податоците и нивна достапност само кога се неопходни за пружање на здравствена услуга. Според нивниот координатор за застапување и политики, Атанас Аврамов, не секој лекар треба да има пристап до сите информации во медицинското досие на пациентот.

Промени во електронскиот систем „Мој Термин“ ќе се случат откако ќе бидат усвоени законските измени. Претставници на Управата за електронско здравство потврдуваат дека тие имаат технички капацитет за имплементација на новите безбедносни механизми. Засега, пристап до здравствените податоци има матичниот лекар и специјалистот, и тоа само додека пациентот е под нивна грижа.

Во однос на апликацијата „Мое здравје“, од Управата уверуваат дека податоците се целосно заштитени преку Единствениот национален систем за електронска идентификација (еИД) и останатите безбедносни протоколи. Апликацијата досега ја користат околу 25.000 граѓани.

Агенцијата за заштита на лични податоци информира дека во наредните пет години ќе работи на хармонизација на домашното законодавство со европските регулативи, вклучително и имплементација на Европскиот простор за здравствени податоци (EHDS). Оваа регулатива ќе им овозможи на пациентите поголема контрола врз сопствените здравствени податоци, вклучително и увид во тоа кој пристапил до нив, можност за ограничување на пристапот и корекција на евентуални грешки.

Агенцијата повикува граѓаните да поднесат Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци доколку сметаат дека им е нарушена приватноста. По добивањето на барањето, Агенцијата спроведува вонредна супервизија, собира документација, излегува на терен и постапува согласно законот.

Во изминатиот период, се бележи зголемен број на пријави за повреда на личните податоци во јавните здравствени установи. Покрај супервизиите, Агенцијата организира обуки, јавни настани и медиумски активности за подигнување на свеста за заштитата на личните податоци на национално ниво.

CATEGORIES
TAGS
Share This