ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СОБРАНИЕТО И РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО Клучните теми на 51. седница

Собранието на Република Северна Македонија денеска ја продолжува 51. седница, на која на дневен ред се неколку значајни точки, меѓу кои и предлог-законот за прогласување на просторот околу законодавниот дом за безбедносна зона, како и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2024 година.
Предлогот за воспоставување безбедносна зона околу Собранието се носи по скратена постапка, по постигнат консензус меѓу координаторите на пратеничките групи. Пратеникот Никола Мицески, при образложението на предлогот, нагласи дека целта е трајно регулирање на статусот, површината и границите на земјиштето околу законодавниот дом, како и уредување на имотно-правните односи.
„Имаше обиди во минатото за приватно уредување на овој атрактивен простор. Затоа сметаме дека ова законско решение е клучно за уредување на просторот околу Собранието како безбедносна зона,“ истакна Мицески. Тој додаде дека новата регулатива нема да го ограничува правото на јавни собири или протестирање на булеварот пред законодавниот дом.
Пратениците денес ќе расправаат и за Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2024 година. Според документот, во текот на минатата година биле одржани 39 седници, на кои биле избрани и разрешени судии и претседатели на судови, констатирани престаноци на функции, изречени дисциплински мерки и спроведени работни посети.
Извештајот нотира и активности поврзани со препораките од ЕУ Оценската мисија. „Во 2024 година започна имплементацијата на краткорочните препораки преку активности согласно Акцискиот план,“ стои во извештајот. Советот останува посветен на заштитата на независноста и интегритетот на судската власт, како и на борбата против внатрешно и надворешно влијание.
Меѓу приоритетите за 2025 година се натамошната реализација на европските препораки, подобрување на процесите за избор и унапредување на судиите, како и зголемување на транспарентноста и борба против корупцијата. Советот повторно го поставува прашањето за финансиска независност, барајќи зголемување на буџетскиот удел на судската власт од 0,3 на 0,8 проценти од БДП.
На денешната седница ќе се разгледаат и други законски предлози, меѓу кои:
-
Предлог-закон за ратификација на Договорот за ЦЕЕПУС IV – Централноевропска програма за размена на универзитетски студии,
-
Предлог-закон за претворање на побарување на државата во траен влог во државната компанија НОМАГАС,
-
Предлог-закони за измени на законите за вработување и осигурување во случај на невработеност, за приватните агенции за вработување и за јавното здравје – сите во прво читање.
Седницата продолжува со расправа по сите точки на дневниот ред.


