ФИНИШ НА ПОДГОТОВКИТЕ Македонија подготвена за стартот во Братислава
Македонија се надева на успешен настап во Златната лига, со цел повторно да ја потврди својата позиција на европската одбојкарска мапа.

Македонската машка одбојкарска репрезентација е во финалната фаза од подготовките за ЦЕВ Европската златна лига, каде што првиот турнир ќе го одигра овој викенд во Братислава.
Подготовките во базата во Струмица се одвиваат според планираниот распоред, а сите 15 одбојкари кои ги има на располагање селекторот Јошко Миленкоски се во добра здравствена состојба и максимално мотивирани.
„По две недели напорна работа, викендов им дадов два дена одмор на играчите. Од понеделник рано наутро се вративме во Струмица и продолживме со подготовките. Влегуваме во финалната фаза. Започнавме со видео анализа на противниците и тактичка подготовка“, изјави селекторот Миленкоски за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија.
Прв противник на македонските репрезентативци ќе биде селекцијата на Финска, со која ќе се соочат во сабота од 15 часот. Вториот натпревар ќе го одиграат на 8 јуни, кога ќе се сретнат со домаќинот Словачка, повторно во истиот термин.
„Иако немавме многу пријателски натпревари во овој период, имаме доволно информации за ривалите и работиме врз основа на нив. Првиот фокус ни е Финска, бидејќи против нив го отвораме турнирот. Најважно е што сите се здрави и подготвени за работа. Сè оди според планот и се надевам дека така ќе продолжи и во следните три недели“, додаде Миленкоски.
Македонија се надева на успешен настап во Златната лига, со цел повторно да ја потврди својата позиција на европската одбојкарска мапа.


