ЧИТАЊЕТО Е СУПЕРМОЌ Голем детски хепенинг во „Ист гејт мол“
Настанот привлече бројна млада публика, родители и просветни работници, кои заеднички ќе го прослават читањето како вистинска супермоќ.

Денес, во трговскиот центар „Ист гејт мол“ се одржа литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со „Ист гејт мол“ и „Литература.мк“.
Настанот претставува завршница на истоимената годишна кампања која „Арс Ламина“ ја спроведува по седми пат. Кампањата има за цел да го поттикне читањето кај децата, да ги унапреди нивните читачки вештини, да ја подигне јавната свест за значењето на раното читање, како и да ја негува употребата на мајчиниот јазик и да понуди поддршка за децата со тешкотии во читањето.
Во рамките на денешниот хепенинг беа прогласени и наградени победниците на литературниот и ликовниот конкурс „Читањето е супермоќ“, кој се реализираше низ градинките и основните училишта низ целата држава. На конкурсот пристигнаа вкупно 205 литературни и 280 ликовни творби од ученици од прво до деветто одделение, како и од деца од предучилишна возраст.
Програмата беше збогатена со музички настапи на талентирани деца од повеќе скопски градинки и училишта, како и со изведба на шампионите во танц – „Денсерс јунајтед“.
Посетителите имаа можност да уживаат и во детската театарска претстава „Рибарот и златната рипка“.
Стручни комисии ги оценија пристигнатите творби. Литературните дела ги рецензираа Владанка Д. Урошева, Викторија Мирческа-Стојческа, Маја Трајковиќ и Бисера Бендевска.
Ликовните творби од основците беа оценети од Наталија Лукомска, Калиопи Трпчева и Анета Илиевска, додека делата од предучилишните деца ги оценуваа Билјана Лотеска, Цветанка Стоилова и Марија Богоеска-Созданоска.
Настанот привлече бројна млада публика, родители и просветни работници, кои заеднички ќе го прослават читањето како вистинска супермоќ.


