СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА Бугарската резолуција е навредлива и го спречува дијалогот

Силјановска уште еднаш повика сите внатрешни прашања да се решаваат со консензус и рече дека не треба да се излегува со ставови надвор од државата без претходна домашна согласност.

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА Бугарската резолуција е навредлива и го спречува дијалогот
Фото: Претседател на РМ

Претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, остро ја критикуваше неодамна изгласаната резолуција во бугарскиот Парламент, оценувајќи ја како навредлива и како чекор што уште на почеток го оневозможува заедничкото чекорење преку дијалог.

Во изјава за медиумите, Силјановска истакна дека суштината на Договорот за добрососедство е заемно разбирање и помош, но ваквите потези од страна на Бугарија, како што рече, не одат во таа насока.

„Ова е уште една од неколкуте резолуции и меморандуми кои Бугарија ги има донесено и сите се повикуваат едни на други. Такво нешто е навредливо бидејќи уште во почеток го оневозможува дијалогот. Суштината на Преамбулата во Договорот за добрососедство е да помагаме и да се разбираме“, изјави Силјановска.

Таа додаде дека, иако се критикува дека институциите не направиле доволно, во нејзините средби со странски претставници постојано ги објаснува македонските позиции, не само преку домашната уставна рамка, туку и преку уставите и вредностите на другите држави.

Во однос на Резолуцијата што се разгледува во Европскиот парламент, која има за цел да ги гарантира македонскиот идентитет и јазик, Силјановска изрази очекување дека таа ќе биде поддржана. Таа го оцени како шокантен обидот во 21 век да се оспорува нечиј идентитет, особено од страна на институција што е дел од Европската Унија.

„Замислете во 21 век некој да оспорува идентитет. Тоа е непознат и неприфатлив феномен. Европската Унија се темели врз документи како Лисабонскиот договор и Повелбата за фундаменталните права, кои гарантираат почитување на културниот и националниот идентитет. Ако оваа Резолуција не биде поддржана, тоа ќе зборува лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“, рече претседателката.

Запрашана дали на претстојниот Самит на НАТО во Хаг ќе има средба со бугарскиот претседател, Силјановска Давкова одговори дека моментно не може да го потврди тоа, но посочи дека прашањето е актуелно во многу дипломатски кругови.

„Не можам точно да кажам дали ќе се сретнеме, но јасно е дека за ова се разговара не само овде, туку и во Брисел и други главни градови. И на последната посета во Казахстан разговарав со многумина за овие прашања“, нагласи таа.

Силјановска уште еднаш повика сите внатрешни прашања да се решаваат со консензус и рече дека не треба да се излегува со ставови надвор од државата без претходна домашна согласност.

CATEGORIES
Share This