СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА ОД КРИВОЛАК – НАТО е наш избор, а не формалност

Вежбата „Брз одговор 2025“ е дел од поширокиот план на НАТО за јакнење на колективната одбрана и оперативната интероперабилност меѓу армиите на Алијансата.

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА ОД КРИВОЛАК – НАТО е наш избор, а не формалност

Претседателката на државата и врховна командантка на Армијата на Република Северна Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, денеска присуствуваше и се обрати на воената вежба „Брз одговор 2025“, која се одржува на армискиот полигон Криволак. На вежбата учествуваат над 2200 војници од девет земји-членки на НАТО.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова ја истакна важноста на оваа мултинационална вежба, оценувајќи ја како уште една потврда за определбата на Македонија да биде дел од земјите што го штитат мирот како врвен цивилизациски идеал.

„Ова не е само демонстрација на воена подготвеност, туку и манифест на солидарност и единство. Потсетник дека само заедно можеме да се спротивставиме на современите безбедносни закани“, рече претседателката.

Таа ја нагласи подготвеноста, професионалноста и посветеноста на македонската армија, потенцирајќи дека во услови на зголемени глобални ризици, вооружените сили се подготвени да дејствуваат рамо до рамо со сојузниците во одбрана на слободата, достоинството и човековите права.

„Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба која ја темелиме на вредности и реална подготвеност“, истакна Сиљановска-Давкова.

Во рамки на посетата, таа оствари краток разговор со дел од македонските војници, при што изрази задоволство од нивната професионална изведба на теренот и им се заблагодари за нивната служба. Истовремено, таа им оддаде признание на сојузниците за континуираната поддршка, споделено знаење и соработка.

Вежбата „Брз одговор 2025“ е дел од поширокиот план на НАТО за јакнење на колективната одбрана и оперативната интероперабилност меѓу армиите на Алијансата.

CATEGORIES
Share This