ЗАПОЧНУВА ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА Лични документи достапни преку апликација

Одговарајќи на прашање за криптовалутите, Андоновски истакна дека иднината на финансискиот сектор е нераскинливо поврзана со дигиталните валути, поради што државата ќе мора да размисли за соодветна регулатива.

ЗАПОЧНУВА ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА Лични документи достапни преку апликација
Фото: Принтскрин

Министерството за дигитална трансформација најави развој на нова мобилна апликација – дигитален паричник преку кој граѓаните ќе добијат пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, како и до најбараните јавни услуги. Проектот е поддржан со грант од програмата „Дигитална Европа“ во износ од над еден милион евра и се спроведува во партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина.

Министерот Стефан Андоновски, во телевизиско интервју објасни дека апликацијата функционира по сличен принцип како „Google Wallet“ или „Apple Wallet“, овозможувајќи дигитално легитимирање преку мобилен уред. Во втората фаза на проектот се планира интеграција на функционалности за електронски потпис и целосна биометриска верификација.

„Првичното започнување на реализацијата беше планирано за јануари 2025 година, но поради административни процедури во Европската Унија, проектот е поместен за јуни. Ние веќе ја имаме подготвено модел-верзијата на апликацијата“, изјави Андоновски.

Тест-верзијата на апликацијата ќе биде претставена на дигиталниот самит во Скопје, кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври оваа година. Првите корисници ќе можат да ја симнат и користат бесплатно, благодарение на добиениот грант.

Во првата фаза граѓаните нема да имаат трошоци, но со воведување на новите функционалности како биометриска верификација и дигитален потпис, можно е да се појават симболични надоместоци.

Покрај ова, министерот најави и нов Закон за сајбер безбедност, кој ќе овозможи формирање на Национален координативен совет, специјализиран сектор во рамки на Министерството и владин центар за одговор на инциденти со цел зголемена заштита од хакерски напади и сајбер закани.

Одговарајќи на прашање за криптовалутите, Андоновски истакна дека иднината на финансискиот сектор е нераскинливо поврзана со дигиталните валути, поради што државата ќе мора да размисли за соодветна регулатива. Според него, Македонија се соочува со два клучни предизвици: прифаќање на реалноста дека криптовалутите веќе се присутни на домашниот пазар и усогласување со европската регулатива како дел од реформската агенда за пристапување кон Европската Унија.

CATEGORIES
Share This