ПОЛОВИНАТА ОД ВОЗРАСНАТА ПОПУЛАЦИЈА АКТИВНИ ПУШАЧИ Аларм за јавното здравје

Стручњаците порачуваат дека се неопходни координирани активности, поддржани од целото општество, со цел намалување на штетите од пушењето и зачувување на здравјето на сегашните и идните генерации.

ПОЛОВИНАТА ОД ВОЗРАСНАТА ПОПУЛАЦИЈА АКТИВНИ ПУШАЧИ Аларм за јавното здравје
Фото: Принтскрин

Македонија и понатаму се соочува со висока стапка на употреба на тутун и никотински производи, предупредуваат здравствените власти и меѓународни организации. Над 46 отсто од возрасните мажи и 27 отсто од возрасните жени во земјата користат некаков облик на тутун или никотин, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

По повод Светскиот ден без тутун, заменик министерот за здравство Јовица Андовски, заедно со директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, шефот на Канцеларијата на СЗО во Скопје, Аким Али, како и претставничките на ОН и УНИЦЕФ, Рита Колумбија и Лесли Милер, побараа системски пристап во справувањето со оваа јавноздравствена закана.

Андовски предупреди дека тутунот не само што предизвикува сериозни здравствени последици, туку води и до големи економски загуби.

„Секој денар инвестиран во контрола на тутунот значи заштеда од 18 денари во здравствени трошоци. Контролата на тутунот е здравствен, но и економски императив. Но таа не зависи само од здравствениот сектор – неопходна е поддршка од сите институции, особено во инспекцискиот надзор и регулирање на сите тутунски и никотински производи“, рече Андовски.

Аким Али од СЗО го истакна алармантниот факт дека седум милиони деца во светот се пушачи, а во Северна Македонија дури 70% од пушачите започнале со пушење уште во детството.

„Ова не е само прашање на индивидуална навика – тоа е прашање на јавно здравје. Од 100 смртни случаи поврзани со тутунот, секој петти се должи на пасивно пушење“, посочи Али, додавајќи дека пушењето го зголемува времето на хоспитализација и трошоците за лекување.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, потенцираше дека пушењето е еден од главните причинители за незаразни заболувања, а половина од возрасната популација во земјата се активни пушачи.

„Не смееме да бидеме рамнодушни. Веднаш мора да се делува. Институтот активно работи на подигнување на јавната свест и нуди поддршка преку телефонската линија за откажување од пушење ‘Не пуши, откажи се’. Околу 10% од јавените успеале да се откажат од пушење, што е во линија со резултатите од западните земји“, рече Андоновска.

Претставничката на Обединетите нации, Рита Колумбија, нагласи дека контролата на тутунот е прашање на социјална правда.

„Тутунот несразмерно ги погодува сиромашните и маргинализираните заедници. Потребен е интегриран и инклузивен пристап, фокусиран на ранливите групи“, рече Колумбија.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, изнесе податоци кои покажуваат дека влијанието на околината е клучен фактор во одлуката на младите да започнат со пушење.

„Младите кои имаат пријатели пушачи имаат 62% поголема веројатност да почнат да пушат, додека кај оние со родители пушачи, шансата се зголемува на 79%. Ова мора да се земе предвид при креирање на политики и програми“, рече Милер.

Стручњаците порачуваат дека се неопходни координирани активности, поддржани од целото општество, со цел намалување на штетите од пушењето и зачувување на здравјето на сегашните и идните генерации.

CATEGORIES
Share This