БРЗ ОДГОВОР 2025 Над 2.000 војници од девет земји на вежба во Криволак
Криволак, како што посочуваат надлежните, останува еден од најважните полигони за обука на НАТО во регионот.

На армискиот полигон Криволак деновиве се одвива мултинационалната воена вежба „Брз одговор 2025“, дел од пошироката НАТО-операција „Дефендер 2025“. Во вежбата учествуваат над 2.200 војници од девет држави: САД, Обединетото Кралство, Италија, Грција, Австрија, Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија.
Ова е првпат на полигонот Криволак да се употребуваат тенкови од странски земји, од кои некои тежат и над 62 тони. Дополнително, присутни се хеликоптери од типот „Блек Хок“, „Апачи“ и медицински транспортни хеликоптери, со што значително се зголемува оперативната сложеност на вежбата.
„Целта на вежбата е зголемување на интероперабилноста меѓу НАТО-сојузниците и партнерите, но и зајакнување на одбранбените способности на земјите учеснички“, изјавија организаторите.
Во рамки на вежбата, официјални претставници од земјата и странство го нагласија значењето на Криволак како стратешки важен полигон, кој од година во година се модернизира и сѐ почесто се користи од страна на НАТО и САД.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека оваа вежба не е само демонстрација на воена моќ, туку симбол на солидарност и единство:
„Ова е потсетник дека само заедно можеме да се спротивставиме на заканите кои го загрозуваат мирот и стабилноста“, нагласи таа.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски потенцираше дека со вакви активности се унапредуваат капацитетите за одвраќање и одбрана и се зацврстуваат одбранбените планови на НАТО и на Северна Македонија.
Сашко Лафчиски, командант на армиските сили, истакна дека вежбата е и можност за изградба на доверба и меѓусебно почитување:
„Денешниот ден ни дава можност да го покажеме постигнатото, но и да ја согледаме важноста на заедничката мисија“, рече тој.
Американскиот генерал Левон Кемптон, пак, изрази силна поддршка за Северна Македонија и нејзината улога во регионалната безбедност:
„Северна Македонија е не само сојузник на НАТО, туку и вреден безбедносен партнер – регионално и глобално“, изјави Кемптон.
И покрај логистичките предизвици, особено со транспортот на тешката механизација, вежбата се одвива успешно и претставува значаен исчекор во регионалната одбранбена соработка.
Криволак, како што посочуваат надлежните, останува еден од најважните полигони за обука на НАТО во регионот.


