51. ФЕСТИВАЛ ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ Започнува најстариот фестивал на народни инструменти

Фестивалот ќе заврши в недела со свечено доделување на наградите за најдобрите изведувачи, а највисокото признание - „Гајдата на Пеце“ ќе му биде доделено на најдобриот гајдаџија.

51. ФЕСТИВАЛ ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ Започнува најстариот фестивал на народни инструменти
Фото: Принтскрин

Рудина, село во општина Долнени, викендов повторно ќе стане центар на македонската традиционална музика. По 51. пат ќе се одржи реномираниот Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, каде што околу 300 учесници од целата држава ќе го претстават богатото изворно културно наследство.

Настанот, кој ја слави традицијата, ќе ги донесе звуците на гајдите, зурлите, тапаните и кавалите, а ќе биде збогатен и со учество на оркестарот „Александар“ од Австрија, кој активно го негува македонскиот изворен мелос.

„Годинава се радуваме на многу нови групи и млади учесници. Во текот на двата фестивалски дена публиката ќе има можност да ужива во атрактивни настапи, каде што секоја група ја претставува својата регионална култура, традиција и изворно творештво,“ изјави уметничкиот директор на фестивалот, проф. д-р Родна Величковска, на прес-конференција.

Во рамките на фестивалот се одржува и Семинар за изучување на народни инструменти и песни во прилепскиот ученички дом „Орде Чопела“. Етнокореологот Стојанче Костов информира дека со дваесетина млади се работи на пренесување на традиционалниот изворен мелос. Заедно со него на семинарот работат и етномузикологот Горанчо Ангелов, фолклористот Горан Василевски и проф. Величковска.

Дополнително, како дел од фестивалската програма, утре напладне во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“, каде ќе биде претставен и зборникот на трудови од областа на фолклористиката. Особено значајно е одбележувањето на Денот на гајдата, со оглед на тоа што од декември минатата година, гајдата и нејзината изработка се впишани на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

„Фестивалот е најстар од ваков вид и ја негува гајдата како централен инструмент. Неслучајно се одржува токму во Долнени, некогашно упориште на гајдаџиството со над 150 гајдаџии, и родно место на светски познатиот уметник Пеце Атанасовски,“ изјави Горан Василески, претседател на фестивалот.

Фестивалот ќе заврши в недела со свечено доделување на наградите за најдобрите изведувачи, а највисокото признание – „Гајдата на Пеце“ ќе му биде доделено на најдобриот гајдаџија.

CATEGORIES
Share This