ПОЛИТИКА И ЉУБОВ – Ќерката на Брижит Макрон во врска со жестокиот критичар на очувот Макрон

Францускиот претседател сè уште нема дадено јавен коментар за врската на својата поќерка со неговиот медиумски критичар. Француската јавност, пак, внимателно го следи овој неочекуван пресврт во семејната и политичката драма на првата француска фамилија.

ПОЛИТИКА И ЉУБОВ – Ќерката на Брижит Макрон во врска со жестокиот критичар на очувот Макрон
Фото: АПА

Тифани Озиер, ќерката на француската прва дама Брижит Макрон, неодамна го привлече вниманието на јавноста со веста дека е во романтична врска со контроверзниот ТВ водител Кирил Ханун – човекот кој често се појавува во медиумите како отворен критичар на нејзиниот очув, претседателот Емануел Макрон.

Ханун, познат по своето сензационалистичко ток-шоу Touche Pas à Mon Poste (TPMP), обвини дека претседателот Макрон е одговорен за укинувањето на неговата емисија од телевизискиот распоред. Емисијата, која беше популарна на француските мали екрани цели 14 години, беше отстранета поради низа прекршувања, меѓу кои се вулгарности, навреди кон пратеници, хомофобични и мизогини содржини, антиисламски ставови и ширење на теории на заговор. За тие прекршувања, емисијата собрала казни во вкупен износ од 7,6 милиони евра.

И покрај тоа, ток-шоуто продолжи да се емитува на интернет и има околу два милиони следбеници на својата видео платформа, задржувајќи значајно влијание во јавниот дискурс, особено меѓу поддржувачите на десничарските ставови. ТВ каналот на кој се емитуваше TPMP е во сопственост на медиумскиот тајкун Винсент Бољоре, близок до Националниот фронт на Марин Ле Пен – исто така остар критичар на претседателот Макрон.

Романтичната врска меѓу Озиер и Ханун, како што се верува, започнала откако тој ја поканил да биде панелист во една од иницијативите на неговата организација. Наскоро биле забележани заедно во ресторан во осмиот арондисман на Париз. Тифани ѝ ја доверила врската на својата мајка, нарекувајќи ја „убава приказна, повеќе од минлива авантура“.

Она што дополнително ја зачинува оваа љубовна сага е фактот што Тифани неодамна се раздели од својот сопруг, лекарот консултант Антоан Шото, со кого има две деца на возраст од осум и девет години. Разводот бил финализиран во јануари годинава.

Инаку, Тифани Озиер е успешна адвокатка и романсиерка. Минатата година ја објави својата прва книга, во која преку судска драма ги истражува правните и етички прашања поврзани со семејното насилство.

Францускиот претседател сè уште нема дадено јавен коментар за врската на својата поќерка со неговиот медиумски критичар. Француската јавност, пак, внимателно го следи овој неочекуван пресврт во семејната и политичката драма на првата француска фамилија.

CATEGORIES
Share This