АМОДЕИ ТВРДИ ДЕКА НИКОГАШ НЕ САКАЛ МАШИНИТЕ ДА ВЛАДЕАТ СО ЛУЃЕТО Маск му одговори со еден збор: „Интересно“

Шефот на „Антропик“ ги отфрли обвинувањата дека се залага за предавање на човечката слободна волја на вештачката интелигенција, но неговите претходни изјави повторно ги отворија поделбите меѓу технолошките милијардери.

АМОДЕИ ТВРДИ ДЕКА НИКОГАШ НЕ САКАЛ МАШИНИТЕ ДА ВЛАДЕАТ СО ЛУЃЕТО Маск му одговори со еден збор: „Интересно“
Фото: Принтскрин

Извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, остро ги отфрли тврдењата дека се залага човештвото да ѝ ја препушти слободната волја на вештачката интелигенција. Тој ваквите толкувања на неговите ставови ги нарече апсурдни, нагласувајќи дека одлуките за иднината на општеството мора да останат во рацете на луѓето.

Реакцијата доаѓа по написот на американскиот портал „Аксиос“, кој ги анализираше сè подлабоките несогласувања меѓу водечките технолошки имиња во Силиконската долина околу тоа кој треба да ја контролира вештачката интелигенција и колкава моќ треба да ѝ биде доверена.

„Не, не верувам дека треба да ѝ ја препуштиме човечката слободна волја на вештачката интелигенција. Апсурдно е да се тврди дека го поддржувам тоа“, напиша Амодеи на социјалната мрежа Икс.

Тој порача дека управувањето со вештачката интелигенција мора да се одвива преку легитимни демократски процеси, а не преку одлуки на технолошките компании или нивните алгоритми.

„Никогаш не треба да ги жртвуваме легитимитетот и самоопределувањето во името на ефикасноста или безбедноста“, истакна шефот на „Антропик“.

Амодеи упати критики и кон дел од раководителите на конкурентските компании, обвинувајќи ги дека се кријат зад празни слогани, додека истовремено развиваат модели кои овозможуваат сè поголема автоматизација. Раководителот на одделот за вештачка интелигенција во „Мета“, Александер Ванг, неодамна се спротивстави на идејата машините да ја преземат контролата врз општеството.

Сличен став претходно изнесе и извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман. Тој употреби хипотетички пример со откривање лек против рак, оценувајќи дека такво откритие би било ужасна зделка доколку човештвото за возврат ја изгуби можноста самостојно да одлучува и да гласа.

Сепак, токму претходните изјави на Амодеи предизвикаа дополнителни реакции. Во февруари, во интервју за „Њујорк тајмс“, тој изјави дека во ситуации во кои се загрозени човечки животи би било пожелно одлучувањето да ѝ се препушти на вештачката интелигенција.

Покрај политичката и етичката димензија, Амодеи предупреди и на ризиците од таканареченото рекурзивно самоподобрување – процес во кој вештачката интелигенција учествува во создавањето сè помоќни верзии на самата себе. Тој призна дека можеби ќе бидат потребни ограничувања во оваа област и дека „Антропик“ не смета оти би било безбедно „Клод“ целосно самостојно да развива понапредни модели.

Колку брзо се менува развојот на технологијата покажуваат и податоците од документацијата на компанијата за излегување на берзата. Според нив, секоја нова верзија на „Клод“ го забрзува развојот на следната, а до септември моделот веќе напишал повеќе од 90 отсто од програмскиот код на „Антропик“.

Во целата дебата се вклучи и Илон Маск, кој во минатото предупредуваше дека суперинтелигентните машини би можеле да почнат да се однесуваат кон луѓето како кон домашни миленици, споредувајќи ја идната човечка положба со онаа на лабрадорите.

Но, овојпат Маск не понуди подолга анализа ниту директна критика. На објавата на Амодеи реагираше само со еден збор: „Интересно“.

Кратката реакција веднаш го привлече вниманието, особено во контекст на сè поострите несогласувања меѓу највлијателните луѓе во технолошката индустрија околу едно од најголемите прашања на иднината: дали вештачката интелигенција ќе остане алатка во рацете на човештвото или еден ден ќе стане сила што ќе ги надмине човечките можности за контрола.

CATEGORIES
Share This