НЕМА БЕГАЊЕ ОД РАДАРИТЕ Полицијата добива паметни камери, казните пристигнуваат и преку апликација

Тошковски најави радари во полициските возила, автоматско регистрирање прекршоци и проширување на „Безбеден град“ низ Македонија, со целосна имплементација до средината на 2027 година.

НЕМА БЕГАЊЕ ОД РАДАРИТЕ Полицијата добива паметни камери, казните пристигнуваат и преку апликација
Фото: Принтскрин

Системот „Безбеден град“ ќе продолжи да се проширува и технолошки да се надградува, а следната голема новина ќе бидат паметните камери со радари вградени во полициските возила. Тие ќе овозможат автоматско регистрирање на сообраќајните прекршоци, како во градските средини, така и на отворените патишта.

Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, посочувајќи дека целосната имплементација и надградба на системот треба да заврши до средината на 2027 година.

Според најавите, новите радари ќе се воведуваат етапно, паралелно со опремувањето на полициските возила и обуката на полициските службеници. Целта е контролата на сообраќајот да биде поефикасна и да се намали бројот на прекршоци и сообраќајни несреќи.

Тошковски најави дека до крајот на годинава системот ќе почне да регистрира и непрописно паркирање. Сепак, за овој вид прекршок нема да биде доволна само автоматската детекција од камерата, туку ќе биде потребна и потврда од полициски службеник.

Причината е што технологијата не може со целосна точност да разликува непрописно паркирано возило од возило кое привремено застанало поради сообраќаен метеж.

Контролите првенствено ќе бидат насочени кон главните булевари во Скопје и другите градови, особено кон сообраќајниците по кои се движат автобусите, каде што непрописното паркирање создава сериозни проблеми во одвивањето на јавниот превоз.

Уште една новина што ја најави министерот е мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да проверат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и да ги платат изречените казни. Според Тошковски, апликацијата треба да им биде достапна на македонските граѓани од следната недела, со што ќе се олесни пристапот до информациите и постапката за плаќање.

Дополнително, до крајот на годината се очекува да профункционира пунктот за проверка на возила на граничниот премин Блаце, по примерот на веќе воспоставениот пункт на Табановце. Во иднина се планира вакви пунктови да бидат отворени и на други гранични премини, меѓу кои и Богородица.

Министерот најави и конкретна динамика за проширување на системот низ државата. Според планот, СВР Струмица треба да биде опфатен во првата половина на следниот месец, СВР Штип до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари, додека проширувањето во рамките на СВР Скопје се очекува да заврши до крајот на февруари.

Тошковски посочи дека системот ќе продолжи да се надградува и на критичните сообраќајни точки, каде што се регистрирани најголем број тешки сообраќајни несреќи.

Осврнувајќи се на признанието што проектот „Безбеден град“ го доби во Дубаи, Тошковски нагласи дека тоа не се однесува само на технолошкото решение, туку и на законските измени, начинот на функционирање и резултатите во намалувањето на сообраќајните несреќи со смртни последици.

Според податоците што ги презентираше, во Македонија во изминатите 35 години просечно годишно животот во сообраќајни несреќи го губеле околу 150 лица, додека годинава, заклучно со денот на неговата изјава, бројот на загинати изнесувал 85.

„Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена“, порача Тошковски.

Како крајна цел, министерот ги посочи европските заложби за преполовување на бројот на жртви во сообраќајот до 2030 година и постигнување нула жртви до 2050 година.

CATEGORIES
Share This