100 НАТПРЕВАРИ ЗА ВОЈДАН, НО ВЕЧЕР ЗА ЗАБОРАВ Кипар ја шокираше Македонија во Скопје

Капитенот стана првиот македонски кошаркар со 100 настапи за националниот тим, но историскиот јубилеј беше засенет од болниот пораз со 85:75.

100 НАТПРЕВАРИ ЗА ВОЈДАН, НО ВЕЧЕР ЗА ЗАБОРАВ Кипар ја шокираше Македонија во Скопје
Фото: Принтскрин

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе еден од најболните порази во поновата историја, откако на домашен терен загуби од Кипар со 85:75. Во натпреварот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, нашите кошаркари влегоа со улога на фаворити, но на паркетот се случи сосема спротивното.

Кипарските репрезентативци покажаа поголема енергија, борбеност и ангажираност, па на крајот заслужено стигнаа до победа со двоцифрена разлика. Поразот сериозно ги намали и надежите на Македонија за освојување на првото место во групата.

Натпреварот требаше да биде посебен и поради капитенот Војдан Стојановски, кој го запиша својот 100-ти настап во дресот на националниот тим, станувајќи првиот македонски кошаркар со ваков јубилеј. Но, историскиот момент остана во сенка на неочекуваниот пораз. Стојановски по натпреварот не го криеше разочарувањето, но истакна дека настапите за Македонија за него секогаш имаат посебно значење.

„Веќе минаа 19 години откако дебитирав. Навистина предобро чувство беше тоа. Кога ќе го вратам филмот, поминаа многу години, и најдобрите и најлошите. И кога сме играле Европски првенства, и кога сме играле претквалификации, секогаш сум бил тука. Кога треба да помогнам за Македонија, тоа ми е посебно чувство и не може да се спореди со клупскиот кошаркарски ангажман. Ако му требам на селекторот, тука сум“, изјави капитенот.

Тој призна дека дуелот со Кипар бил еден од најлошите за репрезентацијата и повика на преземање одговорност и промена на пристапот.

„Поразот од Кипар ни е една од полошите средби. Мора да ја прифатиме одговорноста дека бевме лоши. Не игравме како што треба вечерва. Треба како поединци и како тим да се погледнеме во огледало. Наше е да ја вратиме победата кај нив, но со ваква игра нема да победиме. Мора да го промениме пристапот“, порача Стојановски.

CATEGORIES
Share This