МИЦКОСКИ ПРЕД БРИСЕЛ Македонија е најдобра во реформите, Албанија и Црна Гора не одат пред нас

Премиерот вечерва во Брисел ќе се сретне со фон дер Лајен, Кошта и Калас, а порачува дека Македонија е подготвена за европска интеграција врз основа на реформи.

МИЦКОСКИ ПРЕД БРИСЕЛ Македонија е најдобра во реформите, Албанија и Црна Гора не одат пред нас
Фото: Национал

Македонија е меѓу најуспешните, односно најдобра во испораката на реформите во рамките на реформската агенда за приближување кон Европската Унија. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски пред заминувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, отфрлајќи ги оценките дека Албанија и Црна Гора се пред Македонија на европскиот пат.

Мицкоски очекува на самитот да биде потврдено досега повеќепати искажуваното уверување дека Западен Балкан е дел од Европа и дека неговата интеграција во Европската Унија наскоро ќе стане реалност.

„Очекувам да се потврди она кое што досега е кажано, а тоа е дека Западен Балкан е дел од Европа и дека процесот на интеграција на Западен Балкан во рамките на Европа многу скоро ќе стане реалност, за да можат граѓаните од Западен Балкан кои долго време заслужуваат да бидат на масата, навистина да бидат на масата“, изјави Мицкоски.

Премиерот информираше дека вечерва во Брисел ќе има средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.

Мицкоски не се согласува со оценките дека Албанија и Црна Гора се пред Македонија во процесот на евроинтеграции. Според него, Македонија испорачува резултати и е предводник во спроведувањето на реформската агенда.

„Не би се согласил дека одат. Мислам дека не е баш така. Ќе се вратам на онаа моја изјава за автобусот што се ниша. Така во моментот личи нивниот пат. А ние испорачуваме реформи, ние сме навистина фронт-ранери кога станува збор за реформската агенда“, порача премиерот.

Тој не сакаше да ги коментира оценките на Герт Јан Копман, кого го смета за пријател на Македонија и човек со значаен придонес во спроведувањето на реформите. Мицкоски најави дека наскоро повторно ќе има работна видеоконференција со Копман, на која ќе биде разгледан статусот на реформите пред декемврискиот или полугодишниот извештај во јануари.

Во однос на билатералните прашања што го оптоваруваат евроинтеграцискиот процес, Мицкоски повтори дека Владата е фокусирана на напредокот врз основа на спроведените реформи и дека не прифаќа билатералните спорови да бидат пречка за полноправно членство во Европската Унија. Според премиерот, билатералните проблеми се реалност што ја наследила актуелната Влада од претходната, но Македонија е подготвена за разговори со европските институции и со земјите со кои има отворени прашања.

„Ние сме фокусирани на она што подразбира напредување врз основа на испорака на реформи. Билатералните прашања, за жал, се реалност која што ја донесе претходната влада, но ние одбиваме да разговараме за билатерални прашања како пречка на нашиот пат кон полно зачленување во Европската Унија“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија е подготвена да седне на преговарачка маса во кој било момент и на која било тема, доколку за тоа постои интерес и од другата страна.

„Ние сме подготвени заедно со ЕУ, заедно со тие кои што имаат билатерални нерасчистени односи со нас, ако е потребно во рамките на овој процес да седнеме било каде, било кога и на било која тема. За жал, како што гледам од друга страна нема интерес, така што ние ќе си продолжиме да го испорачуваме она што е наша домашна задача“, порача премиерот.

Мицкоски ова го изјави при посетата на Општина Бутел, пред заминувањето за Брисел, каде што ќе се одржи Самитот ЕУ – Западен Балкан.

CATEGORIES
Share This