ШВЕДСКИОТ УМЕТНИК СТЕФАН БЕРГЕР СО САМОСТОЈНАТА ИЗЛОЖБА „КАТАБАСТ“ ВО ГАЛЕРИЈАТА ОСТЕН Уметничко патување низ митологијата, психологијата и човечката егзистенција
Изложбата, која ќе биде поставена до 13 декември 2026 година, претставува избор на цртежи и дела во комбинирана техника на хартија, преку кои Бергер ги истражува психолошките состојби, митолошките мотиви и егзистенцијалните прашања.

Шведскиот визуелен уметник Стефан Бергер, добитник на престижната награда „Уметник на Европа 2026“, на 26 ноември (четврток), со почеток во 19 часот, ќе ја отвори својата самостојна изложба „КАТАБАСТ“ во галеријата ОСТЕН во Скопје.
Изложбата, која ќе биде поставена до 13 декември 2026 година, претставува избор на цртежи и дела во комбинирана техника на хартија, преку кои Бергер ги истражува психолошките состојби, митолошките мотиви и егзистенцијалните прашања. Неговото творештво се одликува со силен ликовен израз, експресивни потези и слоевити композиции во кои се испреплетуваат желбата, моќта, тагата и вината.
Насловот „КАТАБАСТ“ упатува на поимот катабаза – симболично слегување во подземниот свет. Галеријата е замислена како театарска сцена на која се појавуваат три карактеристични ликови од творештвото на уметникот: „Катабастот“, „Чистиот“ и „Нарцисот“. Преку нив, посетителите се повикуваат на лично доживување и толкување на делата.
Бергер е долгогодишен учесник на ОСТЕН Биеналето, каде што има освоено повеќе значајни признанија, меѓу кои Првата награда за тема во 2009 година и „Златен ОСТЕН“ во 2010 година. Во 2026 година ја добива наградата „Уметник на Европа“, доделена од Светската асоцијација за визуелни уметности (САВУ).
Со уметничка кариера што трае од крајот на 1980-тите години, Бергер има изложувано во Шведска, Европа и САД, а неговите дела се дел од повеќе значајни уметнички колекции. Покрај цртежот и сликарството, работи и на сценографија и костимографија за театарски и филмски продукции.
Изложбата „КАТАБАСТ“ е уште една значајна меѓународна уметничка презентација во рамките на програмата на ОСТЕН Биеналето Скопје 2026, која на публиката ѝ нуди можност да се запознае со специфичниот и препознатлив уметнички свет на Стефан Бергер.

