КИРИЛ ЈА ПРИЗНАВА МПЦ-ОА КАКО АВТОКЕФАЛНА, СТЕФАН МУ ИСПРАТИ ПОФАЛНИ ЗБОРОВИ Што се случи на средбата во Москва
Македонската делегација првпат во Москва како претставник на автокефална црква – Кирил ја истакна историската важност на средбата, а Стефан му упати честитка со пофални зборови, без да ја спомене војната во Украина.

Рускиот патријарх Кирил ја оцени како историска средбата со македонската црковна делегација, нагласувајќи дека за првпат македонските архиереи во Москва присуствуваат како претставници на помесна црква со призната автокефалност. Во исто време, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан му упати честитка по повод 80-тиот роденден, во која ги истакна неговата „духовна мудрост“ и „татковска грижа“.
Средбата меѓу рускиот патријарх Кирил и македонската црковна делегација се одржала на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва, во рамките на одбележувањето на 80-тиот роденден на поглаварот на Руската православна црква.
Македонската делегација ја предводел дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј, а во нејзиниот состав бил и хераклејскиот епископ Климент. Тие во Москва престојувале како пратеници на архиепископот Стефан, со задача лично да му ги пренесат неговите честитки и желби на рускиот патријарх.
Обраќајќи им се на македонските архиереи, Кирил ја истакнал словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, поврзаноста со кирилометодиевската традиција и можноста за заедничко богослужение.
„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, изјавил рускиот патријарх.
Посебно внимание привлекла неговата оценка за црковниот статус на МПЦ-ОА, која ја нарекол помесна црква со законска автокефалност.
„Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, нагласил Кирил.
Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, рускиот патријарх оценил дека односите меѓу двете цркви активно се развиваат. Како примери ги посочил македонските студенти кои се образуваат во духовните училишта на Руската православна црква, како и разговорите за реализација на заеднички проекти.
Во честитката по повод 80-тиот роденден на Кирил, архиепископот Стефан му оддал признание за начинот на кој ја предводи Руската православна црква во време на сериозни предизвици.
„Во Вашето одговорно првосветителско служење на чело на Руската православна црква во целост се откриваат Вашата духовна мудрост и татковска грижа“, му напишал Стефан.
Тој му посакал здравје, мир и уште многу години на чело на Руската православна црква, за нејзино добро и за доброто на целото православие. Во честитката, објавена од Московската патријаршија, не се споменуваат руската инвазија врз Украина и јавната поддршка што Кирил ја дава на политиката на рускиот претседател Владимир Путин. Митрополитот Георгиј истакнал дека македонската делегација дошла како пратеник на архиепископот Стефан, за да ги пренесе неговите лични честитки.
„Дојдовме како пратеници испратени од неговото блаженство архиепископот Стефан, за да ги пренесеме неговите искрени и срдечни честитки, желби за здравје и сили за понатамошно извршување на првосветителската служба“, рекол Георгиј.
Тој изразил благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на црковниот статус на Македонската православна црква и доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква.
Георгиј потсетил и на можноста што пред дваесет години им била овозможена на македонските студенти да се образуваат во руските духовни училишта. Дел од нив денес се професори во семинариите, на Богословскиот факултет и во други црковни институции во Македонија.
На средбата биле разменети и подароци. Македонската делегација му подарила на Кирил икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски. Рускиот патријарх, пак, испратил подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст, додека панагии добиле и митрополитот Георгиј и епископот Климент.
Средбата во Москва се одржува во период кога Кирил останува една од најконтроверзните личности во православниот свет, пред сè поради неговата јавна поддршка за руската воена политика и инвазијата врз Украина. По почетокот на војната во февруари 2022 година, рускиот патријарх повеќепати ја оправдуваше руската воена интервенција. Во проповед од септември истата година зборуваше за жртвувањето на војниците кои загинуваат исполнувајќи ја својата должност, оценувајќи дека таквата жртва ги измива гревовите на човекот.
Поради неговите ставови, Европската Унија во 2022 година разгледуваше воведување санкции против Кирил, но неговото име беше отстрането од пакетот по противењето на Унгарија. Велика Британија, пак, воведе санкции против рускиот патријарх.
Во 2026 година повторно беше отворено прашањето за негово санкционирање на европско ниво, но и тој обид, според објавените информации, не успеал по противење од Бугарија.
Црковното прашање на Македонската православна црква доби значаен пресврт во мај и јуни 2022 година. На 9 мај 2022 година Вселенската патријаршија ја прими МПЦ-ОА во евхаристиско единство, отворајќи го патот за надминување на повеќедеценискиот црковен спор. На 5 јуни истата година српскиот патријарх Порфириј му врачи томос за автокефалност на архиепископот Стефан, а Руската православна црква ја призна одлуката на Српската православна црква.
Сепак, Вселенската патријаршија досега нема издадено сопствен томос за автокефалност на МПЦ-ОА, што останува едно од отворените прашања во меѓуправославните односи.
Средбата во Москва, изјавите на Кирил и честитката на Стефан уште еднаш ја потврдија блискоста меѓу Македонската и Руската православна црква. Но, истовремено, таа отвора и пошироки прашања за односот на православните поглавари кон војната во Украина, како и за понатамошното меѓуправославно утврдување и признавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА.

