БУГАРИТЕ ОТКРИЈА БОГАТО НАОЃАЛИШТЕ НА ЗЛАТО И БАКАР Во Македонија рударството бележи пад од 7,7 отсто

Софија најавува олеснување на процедурите за рударски проекти и измени на законската регулатива, а во Македонија зголемените концесиски надоместоци отвораат прашања за инвестициската клима.

БУГАРИТЕ ОТКРИЈА БОГАТО НАОЃАЛИШТЕ НА ЗЛАТО И БАКАР Во Македонија рударството бележи пад од 7,7 отсто
Фото: Принтскрин

Бугарија откри ново висококвалитетно наоѓалиште на златно-бакарна руда во близина на рудникот Челопеч, продолжувајќи со развојот на рударскиот сектор.  Лабораториските анализи на примероците од новото наоѓалиште кај Челопеч покажале концентрати со содржина од 10 до 25 проценти бакар и од 12 до 20 грама злато на тон. Резултатите ќе бидат предмет на дополнителни испитувања со цел да се утврди вкупниот потенцијал на наоѓалиштето.

Од компанијата „ДПМ Металс“ посочуваат дека рударството има значајна улога не само во производството на метали, туку и во економската стабилност и развојот на локалните заедници. Главниот оперативен директор на компанијата, Илија Грков, истакнува дека иднината на рудникот Челопеч има пошироко значење за регионот, бидејќи обезбедува работни места, ангажман за локалните бизниси и приходи за општините и државата.

„Иднината на Челопеч има значење далеку зад границите на самиот рудник. Тој гарантира стабилно вработување, работа за локалните бизниси, приходи за општините и државата, како и можност за продолжување на нашите долгорочни партнерства со локалните заедници“, изјави Грков, нагласувајќи дека инвестициите во геолошки истражувања се важни и за долгорочниот развој на целиот регион.

За разлика од бугарските планови за проширување на рударските капацитети, македонскиот сектор во септември 2026 година забележал пад од 7,7 проценти во споредба со истиот месец претходната година. Проектот за бакар во Иловица останува една од најзначајните најавени рударски инвестиции во земјава, додека геолошки истражувања се спроведуваат и во регионот на Крива Паланка, каде што се испитува присуството на антимон.

Според проекциите на инвеститорот, рудникот во Иловица има потенцијал да стане една од трите најголеми извозни компании во Македонија, со годишен извоз поголем од 200 милиони евра. Сепак, инвестициската перспектива се отвора и во контекст на промените во концесиската политика. На почетокот на 2025 година стапија во сила повисоки надоместоци за експлоатација на минерални суровини.

Кај бакарот, надоместокот што го плаќа концесионерот е зголемен од 2 на 4 проценти од пазарната вредност на бакарниот метал по тон, за секој тон произведен бакарен концентрат.

И Бугарија ги зголеми концесиските надоместоци, но паралелно со тоа најавува и промени со кои сака да го забрза развојот на рударската индустрија. Таму властите отворено го третираат рударството како еден од столбовите на националната економија и економскиот раст. Заменичката министерка за енергетика Љубомира Ганчева смета дека на секторот му е потребна поширока државна стратегија, која ќе ги опфати и традиционалните природни ресурси и новите критични суровини.

„Еден од приоритетите на државата мора јасно да биде развојот на рударската индустрија и сите природни ресурси – и традиционални и нови, вклучувајќи ги и критичните суровини и материјали“, изјави Ганчева.

Бугарските власти веќе работат на предлози за измени на Законот за подземни богатства, со цел да се забрзаат и поедностават административните постапки и да се отстранат пречките при одобрувањето нови рударски проекти. Планираните измени треба истовремено да овозможат полесно започнување на инвестициите, но и посилна државна контрола и поголема транспарентност во спроведувањето на концесиските договори.

Ганчева ги коментираше и отпорите во јавноста кон рударските проекти, оценувајќи дека дел од негативните реакции се резултат на политички мотиви или недоволна информираност. Според неа, во областите каде што има големи енергетски инфраструктурни проекти и концесиски договори генерално се забележуваат повисоки плати, поголема вработеност и посериозни социјални пакети.

Таа најави дека властите ќе започнат дијалог со јавноста за овие прашања, со цел граѓаните подобро да бидат информирани за придобивките и ризиците од рударските активности. Пораката од Софија е дека рударството треба да биде во центарот на зелената транзиција, економскиот развој и националниот суверенитет.

Разликата меѓу двете земји е во пристапот: Бугарија најавува законски промени за олеснување на рударските инвестиции, додека во Македонија останува отворено прашањето како повисоките концесиски надоместоци и неизвесноста околу големите проекти ќе влијаат врз идниот развој на секторот.

CATEGORIES
Share This