МИЦКОСКИ НАЈАВИ УБАВИ ВЕСТИ ЗА ГРАЃАНИТЕ Се подготвуваат промени за брзите кредити
Премиерот очекува отворањето на граничниот премин Клепало да биде реализирано со добра волја од двете страни, а за проблемот со брзите кредити најави позитивни информации во наредните денови, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува граничниот премин Клепало наскоро да биде отворен, но нагласува дека за реализација на проектот е потребна добра волја и подготвеност од двете соседни држави. Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Делчево, Мицкоски порача дека добрососедските односи мора да функционираат во двата правца и дека Македонија не може сама да го заокружи процесот.
„Тоа е добрососедство, тоа е двонасочна улица. Вие можете да сакате колку сакате, но ако другата страна нема барем приближно иста амбиција, тогаш вие сте немоќни“, изјави Мицкоски.
Тој изрази очекување процесот да биде завршен врз основа на принципот на добра волја и најави надеж дека граничниот премин Клепало ќе биде отворен во блиска иднина.
Премиерот најави и позитивни информации за граѓаните во врска со законското регулирање на брзите кредити и работењето на агенциите за наплата на долгови. Одговарајќи на прашањето до каде е процесот за донесување на законските измени, Мицкоски рече дека во наредните денови граѓаните ќе бидат информирани за конкретни чекори.
„Ќе имаме деновиве убава вест за граѓаните кога станува збор за овие финансиски институции коишто се даватели на вакви услуги, односно брзи кредити“, изјави премиерот.
Тој засега не откри детали за најавените промени, но посочи дека Владата работи заедно со Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд. Мицкоски најави дека многу скоро институциите ќе излезат со информации за мерките што треба да донесат позитивни промени за граѓаните кои користат вакви финансиски услуги.

