ИЛЈАДА КРАВИ ГО ДРЖАТ ГРАДОТ ВО НЕИЗВЕСНОСТ Крива Паланка на протест, институциите две и пол години не постапуваат
Жителите излегоа на протест поради уништени насади, оштетен имот, материјални загуби и закани.

Жителите на Крива Паланка и околните села денеска излегоа на протест барајќи од институциите конечно да преземат мерки против околу 1.000 крави кои неконтролирано се движат низ градот и предизвикуваат сериозни штети. Граѓаните сведочеа за уништени земјоделски насади, оштетен имот, финансиски загуби и закани, посочувајќи дека веќе не се чувствуваат безбедно ниту во своите домови, ниту на сопствените имоти.
Нивните барања се јасни: безбедност за семејствата, заштита на имотот и можност непречено да ги обработуваат сопствените ниви.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека ќе продолжи да ги поддржува граѓаните сè додека не се спроведе законот и последното грло добиток не биде отстрането од градот. Тој потсети дека решенијата за одземање на добитокот се донесени пред повеќе од две и пол години, но надлежните институции сè уште не ги спровеле.
Претседателот на Советот на Општина Крива Паланка, Миле Трајковски, предупреди дека доколку нема конкретна реакција од институциите, граѓаните ќе преземат и порадикални протестни мерки. Поддршка за барањата на жителите дадоа и пратениците Љупчо Николовски од СДСМ и Борислав Крмов од Левица.
Протестот следува по барањето на Општинскиот кризен штаб Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба поради проблемот со неконтролираното движење на добитокот. На 18 ноември беа поднесени и кривични пријави, претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата и барање за вонреден инспекциски надзор.
Граѓаните и локалните власти бараат итно спроведување на веќе донесените решенија, утврдување на институционалната одговорност и конкретни мерки за заштита на населението и неговиот имот. Проблемот трае со години, а жителите сè погласно прашуваат до кога ќе треба сами да се справуваат со последиците од институционалното непостапување.

