КРЕМКА ДВЕ ГОДИНИ ЧЕКАЛА НЕКОЈ ДА ЈА ВДОМИ, А СЕГА СЕКОЈ ДЕН ОДИ НА РАБОТА Приказна што ќе ви го стопли срцето
Полуслепа и со повредена нога, Кремка имала мали шанси да биде вдомена. Но, компанијата „Авенга Македонија“ одлучила да ѝ даде шанса, па кучето кое повеќе од две години чекало дом во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ сега има свое катче во канцелариите и луѓе кои секојдневно се грижат за него.

Една убава приказна за хуманост и љубов кон животните доаѓа од Скопје. Компанијата „Авенга Македонија“ вдоми куче со хендикеп од ЈП „Лајка“, покажувајќи дека предрасудите не треба да бидат пречка кога станува збор за спасување и грижа за животните. Кремка повеќе од две години го чекала својот дом во боксот на прифатилиштето. Полуслепа е и има повреда на ногата здобиена откако била удрена од автомобил, поради што шансите да биде вдомена биле мали.
Но, минатата недела нејзиниот живот добил нов правец. Кремка се преселила во канцелариите на „Авенга Македонија“, каде што вработените ѝ уредиле сопствено катче и секојдневно се грижат за неа – ѝ обезбедуваат храна, прошетки, внимание и многу љубов. Од ЈП „Лајка“ велат дека со овој пример се урнати две предрасуди дека кучињата со хендикеп тешко можат да најдат дом и дека компаниите не можат да бидат вдомувачи.
Нежната природа на Кремка ги освоила вработените, а денес таа е дел од нивното секојдневие на работното место.
Кремка е едно од петте кучиња од ЈП „Лајка“ кои добиле нов дом во периодот од 9 до 15 ноември. Во истиот период, тимовите на претпријатието заловиле 30 бездомни кучиња. Во прифатилиштето биле третирани 21 куче, додека 18 биле вратени на локациите од кои биле заловени. Од „Лајка“ посочуваат дека во прифатилиштето сè уште има кучиња кои со години чекаат некој да им даде шанса за нов живот.
Од ЈП „Лајка“ упатуваат повик до компаниите кои имаат простор и можност да преземат долгорочна грижа за куче да го посетат прифатилиштето и да ги запознаат животните кои чекаат дом.
„За некои од тие кучиња, катче во канцеларијата и луѓе кои секојдневно ќе се грижат за него ќе значи и едно куче помалку по скопските улици“, порачуваат од претпријатието.
Приказната за Кремка е потсетник дека понекогаш е потребна само една одлука за да се промени животот на едно животно. А нејзиниот нов дом покажува дека хуманоста може да биде дел и од секојдневието на една компанија.

