НЕ НИ СЕ ПИШУВА ДОБРО ВО МАКЕДОНИЈА До 2100 година ќе останеме со помалку од 900.000 жители

Според проекциите на Обединетите нации, населението во Македонија до 2100 година може да се намали за 52 проценти.

НЕ НИ СЕ ПИШУВА ДОБРО ВО МАКЕДОНИЈА До 2100 година ќе останеме со помалку од 900.000 жители
Фото: Принтскрин

Македонија се соочува со сериозен демографски предизвик, а долгорочните прогнози за иднината на населението се загрижувачки. Доколку продолжат актуелните трендови, до крајот на овој век земјава би можела да остане со помалку од 900.000 жители, покажуваат проекциите на Обединетите нации.

Според официјалните проекции на Државниот завод за статистика, доколку продолжат сегашните демографски движења, населението во Македонија до 2070 година ќе се намали за околу 30 до 35 проценти. Тоа би значело пад од почетните 1,83 милиони на приближно 1,2 до 1,3 милиони жители.

Како главни причини за негативните демографски движења се посочуваат континуираното намалување на стапката на фертилитет и интензивното иселување, особено на младите луѓе и семејствата. Иако актуелните податоци на Евростат покажуваат дека Македонија има повисок удел на работоспособно население на возраст од 20 до 64 години од просекот на Европската Унија, долгорочните прогнози укажуваат на сериозно влошување на демографската структура.

Според овие податоци, уделот на работоспособното население во Македонија изнесува 59,5 проценти, наспроти 58,3 проценти во ЕУ.

Уште позагрижувачки се проекциите на Обединетите нации. Според средното сценарио, Македонија до 2050 година би имала околу 1,52 милиони жители. Но, прогнозите за крајот на векот се особено неповолни. До 2100 година населението би можело да се намали за дури 52 проценти, односно да изнесува меѓу 868.000 и 943.000 жители.

Тоа значи дека Македонија би можела да загуби повеќе од половина од сегашното население во следните децении.

Според наведените проекции, Македонија се наоѓа на четвртото место во Европа според брзината на намалување на населението, веднаш зад Украина, Албанија и Босна и Херцеговина. Демографските показатели отвораат сериозни прашања за иднината на државата, од одржливоста на пензискиот систем и недостигот од работна сила до економскиот развој и опстанокот на помалите населени места.

CATEGORIES
TAGS
Share This