АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ ОД МВР 15 случаи на семејно насилство за само 24 часа, полицијата приведуваше низ цела Македонија
Охрид, Гостивар, Струмица, Велес, Куманово и Скопје се меѓу градовите во кои биле пријавени случаи на семејно насилство.

Вкупно 15 случаи на семејно насилство биле пријавени во изминатите 24 часа на територијата на Македонија, информира Министерството за внатрешни работи. Во повеќе случаи полицијата интервенирала и привела лица осомничени за физички напади, закани и насилничко однесување кон членови на семејството.
Меѓу пријавените случаи има насилство врз сопруги, поранешни партнерки, родители, деца и други членови на семејствата.
Во Охрид биле приведени двајца мажи на возраст од 31 и 34 години, по пријави дека физички ги нападнале своите партнерки. Во гостиварскиот регион полицијата привела тројца мажи на возраст од 32, 37 и 56 години. Едниот бил пријавен за напад врз поранешна девојка, вториот за физички напад врз сопругата, а третиот за упатување закани кон својот син.
Тројца мажи биле приведени и во струмичкиот регион. Станува збор за лица на возраст од 42, 59 и 62 години. Пријавите се однесувале на физички напади врз сопруги, агресивно однесување кон 91-годишна мајка и закани кон брат.
Во Велес биле пријавени меѓусебни физички напади меѓу поранешни партнери. Полицијата привела 33-годишна жена, откако нејзиниот поранешен невенчан сопруг пријавил дека го нападнала. Подоцна и таа пријавила дека била физички нападната од него. Во Куманово, пак, бил приведен 19-годишник по пријава дека физички го нападнал својот татко.
Неколку случаи на семејно насилство биле пријавени и во главниот град. Меѓу нив се напад врз сопруга во семејниот дом на подрачјето на Бит-пазар, физички напад врз 16-годишно момче од страна на неговиот татко, како и закани кон родители од нивниот 18-годишен син.
Пријавен е и случај во кој 52-годишен маж бил нападнат од сопругата, која фрлала предмети кон него и употребила тврд предмет. Според пријавата, таа се обидела да ја нападне и неговата мајка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по сите пријави се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што ќе следуваат соодветни поднесоци. Од МВР упатуваат апел граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навреме да го пријавуваат.
Секој што е жртва на насилство или има сознанија дека друго лице е изложено на насилство може да се обрати во најблиската полициска станица или да пријави на телефонските броеви 112 и 192.

